Нема гламурозна прослава на Денот на рударите

27/08/2020

Годинава, поради здравствената ситуација предизвиканата од Ковид 19, во македонските рудници нема да има гламурозни прослави. Тоа сепак не значи дека некои од големите рудници нема на соодветенм начин да ги наградат своите рудари за нивните драгоцени остварувања.

Така најголемиот македонски рудник за олово и цинк Саса кај Македонска Каменица, ќе му го даде значењето на овој ден на соодветен и достинствен начин. Од рудникот информираат дека менаџментот обезбедил парични награди и пригодни подароци за сите вработени, како признание за нивното залагање и посветеност во работата.

Дополнително, на 127 вработени им се доделени и специјални парични награди и признанија за нивниот особен придонес во одржување на високиот степен на безбедност и здравјето при работа, како и во остварувањето на производствените планови.

Инаку, во чест на годинешното одбележување на Денот на рударите, кој воедно е и патронен празник на Македонска Каменица, Рудник САСА ја продолжи традицијата и донираше финансиски средства за набавка и инсталација на нови трибини за спортската сала во основното училиште „Кирил и Методиј“ во градот, а обезбеди и финансиска поддршка за реализација на дел од предвидените активности за одбележување на годинешниот празник, што го организира општината Македонска Каменица, а кои активности оваа година се спроведуваат согласно пропишаните мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.

За утре е најавена и посета на мандатарот Зоран Заев на Македонска Каменица кој околу пладне ќе го посети и рудникот Саса каде ќе има средба со раководството.

Гоце Мојсовски, директор на рудниците Злетово во Пробиштип и Тораница во Кррива Паланка кои ги поседува компанијата Бул Мак, ни изјави дека за годинава не е планирана никаква прослава бидејќи за менаџментот здравјето на рударите било пред се.

Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство и заменик генерален директор во рудникот за бакар Бучим кај Радовиш, вели дека најважно пред празникот на рударите е тоа што и во услови на корона вирус рударскиот сектор ја покажал својата стабилност.

-Предметот на работа-рудата е тука, посебниот транспорт функционира,, цените на светската берза на метали се добри, менаџерските тимови добро си ја вршат работата како и сите вработени во нашите рудници. Секако дека во вакви посебни здравствени околности за сите во овој важен стопански сектор најважно е здравјето на рударите, вели Николов.

Николов нагласува дека по повод 28 август, Денот на македонските рудари и верскиот празник Успение на пресвета Богородица која е и заштитник на рударите, поради корона кризата, во Бучим годинава нема да се одржи никаква свеченост какви што се правени порано. Сепак, раководството на рудникот ги награди најдобрите работници помеѓу двата рударски празника.

-Поради Ковид 19 нема да ја имаме ниту централната прослава на Денот на рударите, а јас како претседател на МАР сакам да им го честитам овој значаен ден на сите наши рудари, да им посакам добро здравје и благосостојба на нивните семејства, вели Николов.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе