Никола Teсла, Лари Кинг и Петре М.Андреевски не можат да бидат членови на наш Управен одбор

Штип, 06.02.2018

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Во Македонија во тек е процесот на формирање на управните и на надзорните одбори на јавните претпријатија, училишта, установи, државни или општински сеедно. Она што е парадоксално во целата ситуација е фактот дека голем број квалитетни луѓе не можат да бидат во овие органи. Причината е едноставна: без факултетска диплома не е можно да станеш член на ваков орган. За нашиот законодавец квалитет е само дипломата. Се друго е шкарт роба. Така вели законот за изменување и дополнување на законот за јавните претпријатија  од месец февруари, 2014 година.

Во законот стои дека за претседател и членови на Управен одбор може да биде именувано само лице кое има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или да има завршено VII/1 степен образование. Еден од условите е и да поседува меѓународен признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик, при што сертификатот да не е постар од пет години.

И, што сега?

Кога веќе важат вакви закони може да се изведе следниот заклучок: Никола Тесла, Петре М.Андреевски, Лари Кинг и на нив слични домашни и планетарно  познати личности, кои се (само) со завршено средно образование не можат да бидат член на наш Управен одбор! За Никола Тесла не треба посебно да се пишува која и каква светска личност е, Петре М.Андреевски беше член на МАНУ, прв меѓу маќедонските писатели, според многумина најдобриот македонски писател. Лари Кинг има 85 години и е светска водечка ѕвезда во ТВ новинарството кој годишно заработува плата од три милиони долари. Тој, како и Тесла и Андреевски има завршено само средно образование. Па аналогно на нашиот закон никој од нив не би можел да биде член на наш Управен одбор!

Посебно боде во очи барањето кандидатот задолжително да има активно познавање на англискиот јазик. Нешто кое и многу луѓе со диплома го немаат. Зошто е потребно тоа? Дали законодавецот сметал дека членовите на нашите управни одбори постојано ќе бидат присутни на меѓународни конференции, симпозиуми или на тоа слично? Секако дека не. Освен ако власта, кога го носела законот, не мислела на таков начин да ги наградува „своите“. Овде се поставува и прашањето дали седниците на Управните одбори ќе се одвиваат на англиски јазик? Мислам дека и тоа не може да биде вистина. Па тогаш зошто диполомата и англискиот се задолжителна работа, а не и квалитетот докажан низ животната пракса?

Во ваков случај на голем број способни, успешни, докажани луѓе кои немаат факултетско образование им е ускратена можноста да добијат шанса за и преку овие органи и тела да дадат квалитетен придонес во животот на локалната заедница.

Мое мислење е дека и ова е една од причините зашто работите во државата не ни стојат добро.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе