Ништо од музеј на ретки минерали во Пробиштип

 Пробиштип, 18.07.2017

  •  Музејот кој требаше да биде единствен од таков вид во државата остана само на исечени дрва и поставена плоча, но градоначалникот Тоневски и понатаму дава оптимистични изјави…

 Изградбата на музеј во рударскиот град Пробиштип, во кој требаше да се сместат ретките минерали главно од рудникот „Злетово“ остана само пуста желба. И после 4,5 години од најавата, во центарот на малиот град, на местото каде требаше да биде музејот-единствен од таков вид во државата, стои празен простор. Во 2013 година се исекоа десеттина големи дрва, се стави плоча и – толку.

Изградбата на музејот беше најавена во месец февруари, 2013 година. Најавата дојде лично од градоначалникот Тони Тоневски.

Споменикот во чест на рударите засега убав белег на рударскиот град
Споменикот во чест на рударите засега убав белег на рударскиот град

„Музејот ќе располага со 150 метри квадратни простор, во кој ќе бидат изложени минералите кои можат да се најдат во пробиштипскиот рударски басен, но подготвени сме да ги прифатиме ретките минерали од другите делови на државата“, најави Тоневски.

За реализација на еден ваков проект беше потпишан договор помеѓу „Индоминерали и метали“, компанија која го имаше купено рудникот „Злетово“ и општина Пробиштип. Но, во ова долго меѓувреме индиската компанија фати магла од градот, а музејот си остана само во најава.

Според пробиштипскиот градоначалник малата музејска зграда требало да биде  во форма на кристал, а нејзината изградба и опремување ќе чинеле 130.000 евра.

Тоневски тогаш најави дека половина од потребните средства ќе ги обезбедила општината, додека за финанасирање на другата половина збор дале од „Индоминерали и метали“.  Ова требаше да биде прв музеј од ваков вид во Македонија. Според тогашната изјава на Тоневски такво нешто му личело на нивниот рударски град во кој  е рудникот „Злетово“, а кој датира од 1928 година и е еден од најстарите рудници во Европа.

Овој редок музеј требаше да ја раскажува приказната за развојот на рударството во Република Македонија, да биде магнет за туристите кои ги интересираа една ваква материја и да биде едукативен центар за студентите на штипскиот факултет по рударство и геологија. Во Пробиштип има сомнежи дека таков музеј ќе имаат.

„Не верувам. Измина многу време, а од работата ништо. Штета што се исекоа дрвата, нашите бели дробови“, ни рече пензионираниот рудар Драган, кој со колегата Боре седе пред старото кино спроти локацијата на музејот.

Но, градоначалникот Тоневски е оптимист.

„Кога во 2015 година индиската фирма која го имаше нашиот рудник отиде во стечај работите застанаа. Но, ние сега имаме договор со „Булмак“, компанијата во чија сопственост денес е рудникот. Од таму добивме цврсто ветување дека тие ќе вложат пари во доизградба и уредување на музејот. Убеден сум дека до средината на идната година ние музејот и ќе го имаме“, ни изјави Тоневски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе