Од Василево, султанија, Царево Село до Делчево

Делчево, 24.02.2021

Љупчо Прачковски
Љупчо Прачковски

За Делчево и животот на Делчевци, со професорот и директор на СОУ „Методи Митевски Брицо“ Делчево Љупчо Прачкоски

Професор Љупчо Прачковски, директор на СОУ „Методи Митевски Брицо“ во Делчево се зафати со реализација на големата и благородна идеја да напише книга за животот на Делчево и делчевци во период од 1920 до 1960 година. Професор Прачковски со задоволство се согласи на интервју за istokpress.mk за неговата книга од капитално значење за Делчево.

ИП: Професоре, вашата прва книга „За Делчево и животот на делчевци во периодот од 1920 до 1960 наскоро излегува од печат. Зошто е избран токму периодот од 1920 со 1960 година?

Прачкоски: Овој бурен период е многу битен за развојот и експанзијата на градот. Тогаш Делчево почнува нагло да се развива и од селска касаба прераснува во современо урбано градче.

ИП: Знам дека имате богата архива од слики, податоци, снимени разговори со луѓе кои се дел од историјата на Делчево. Како и кога започнавте со оваа работа.

Прачкоски: Уште како дете, моите,  посебно дедо ми, со своите кажувања и сведоштва за Делчево, направија преданијата, случките и животот во Делчево низ времињата да биде моја омилена лектира. Така се започна и тоа трае до ден денес.

ИП: Па одлучивте дел од вашето богатство на податоци за Делчево е ставено во вашата книга?

Прачкоски: Бидејќи располагав со многу податоци, како писмени, така и раскажани од постарите жители, и многу фотографии целта ми е сето тоа да се зачува како сведоштво  за едно време низ кое растел и се равивал градот. А најдобар начин за тоа е сведоштвата да се стават во книга.

Првиот автомобил во Делчево
Првиот автомобил во Делчево

ИП: Во книгата опфатен е многу чувствителен период, после многуте војни водени на овие простори, постојаното менување на власта, менување дури и на етничката структура на населението во градот.

Прачкоски: Да, и покрај тешката состојба Делчево почнува да се развива секојдневно.На економски план, се развива  занаетчиството и трговијата, а со тоа и чаршијата, културнозабавниот и спортскиот живот. Сето тоа, сиот тој растеж и развој на Делчево во спомнатиот период ќе може да се види од книгата.

ИП: Секоја слика во книгата носи едно сведоштво, приказна преку кој се  доловува тогашниот начин на живот.

Прачкоски: Како потомок на луѓето што беа активни учесници во тоа време имав можност да слушам многу за тогашниот живот, да приберам многу фотографии и да запишам многу усни преданија. За првиот автомобил, за првото радио, за игранките, корзото, боемите, модата…, што со тек на времето допринесе да се роди идејата за книгата…

ИП: Книгата опфаќа временски период од само 40 години, тоа е време на нова светска војна, бурни промени промени во општественото уредување…

Прачкоски: Да, тоа е така, а јас го зедов периодот од 1920 до 1960 година, кој период го опфаќа и времето на Втората светска војна  како и повоениот период, за да може во континуитет да се согледа развојот, школството, стопанството, културата, животот во градот, спортот…

ИП: Се забележува дека во книгава со посебен пиетет зборувате за развојот на спортот во градот?

Прачкоски: Јас сум професор по спорт и можеби и затоа тој момент најмногу ме интересирал. Факт е дека спортот многу допринесол за развојот на тогашната младина. Сето тоа може да се види со појавата и развојот на Соколите, изградбата на спортската сала – соколана, која покрај Читалиштето ќе стане центар за собирање на младината, за нејзин физички и интелектуален развој како и на сите збиднувања во градот. Денешните спортски клубови во градот се само нормално продолжение на  тогашните зачетоци во спортот на овие простори, и сосема е нормално да се знае историјатот на тој развој.

ИП: Јас како човек кој сум од градот, иако сум скоро четириесет години тука, читајќи го ракописот, гледајќи ги сликите, имам впечаток дека го познавам градот стотици години.

Домакинска школа 1938 година
Домакинска школа 1938 година

Прачковски: Покрај тоа што сакав ова моја богата архива од слики, усни кажува од сведоци да ја споделам со моие делчевци, потајно во себе посакував и од другите делови на мојата земја, да ја засакаат оваа моја приказна за Делчево низ слики и текст и барем на момент да ги почуствуваат како блиски настаните низ кој минувал мојот град.

ИП: Вие сте педагог, планиратате ли една монографија за школството во Делчево и Пијанецот?

Прачкоски: Иако веќе има неколку монографии, планирам да правам една таква монографија…

ИП: Познато е дека во голем број делчевски села имало основни училишта, во каква кондиција се сега?

Прачкоски: Голем број од селата се скоро напуштени, а училиштата се руинирани или пренаменети за друга потреба?

ИП: Што мислите, дали постојните училишта треба да имаат музејска збирка, од експонати на школите, сочуваните предмети, дневници од тоа време?

Прачкоски: Тоа требаше и досега да се направи. Но за жал сите оние ентузијасти кои сакаат тоа да го сторат, немаа ни разбирање од одговорните, а немаа ни финансиски средства.

ИП: Знам дека монографијата ја правите со ваши средства, има ли потреба од некој фонд при општината, републиката кој ќе ги потикнува, и финансиски ќе помага вакви книги.

Прачкоски: Треба да се мотивараат луѓето што имаат податоци за да отпочнат да работат монографии не само за градот, туку и за познати фамилии кои оставиле траен белег во развојот на Делчево.

ИП: Вие сте по вокација професор по физичко воспитување и спортист, можеме ли да очекуваме монографија за спортскиот живот во Делчево и Пијанецот?

Прачкоски: Имам доволно подотоци за да се направи една таква монографија, но за тоа се потребни финансиски средства и екипа која би помогнала во реализација на ова идеја.

ИП: Оваа монографија завршува со 1960 година, ќе има ли продолжение?

Прачкоски: Се надевам дека податоците кои ги имам, но и ги собирам и ден денес, ќе ми помогнат да подготвам една книга За Делчево и животот на делчевци за периодот од 1960 до 1990 година.

ИП: Ќе запрете ли  тука или ќе има трето полувреме, од 1990 година па наваму.

Прачкоски: Да сме здрави и живи, сигурно со помош на млади и амбициозни ентузијасти ќе ја продолжиме работата.

ИП: Ваша порака до оние што како вас сакаат да прават вакви или слични книги.

Прачкоски:  Не ги чувајте само за себе фотографиите од вашите предци, бележете ги сведоштвата на постарите. Историјата на вашето семејство, на вашиот град навистина е само едно мало камче во мозаикот на нашата историја, но без него тој мозаик не би бил потполн. Со тоа ќе се ја сочуваме нашата историја, нашите традиции и нашата култура.

Промоцијата во Делчево ќе се случи идниот месец,

Миле Ѓорѓиоски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе