Пехчево остана без рудник и без народ

Пехчево, 04.08.2018

SAMSUNG DIGIMAX A403
Oд геолошките истражувања

ПЕХЧЕВО е малата општина во Малешевијата со .5.517 жители од кои 3.067 во општинскиот центар (според пописот од 2002 година), остана без рудникот за катоден бакар  „Кадиица“, а со тоа и без можноста за вработување на 200 млади.

Отворањето на рудникот беше спречено од поранешната Влада која не се согласила со технологијата со која руската компанија „Солвеј“ планирала да го вади бакарот од тој простор.

Денес Пехчево нема рудник, има здрава животна средина, ама нема ниту луѓе зашто се што може да се добере до бугарски пасош го прави тоа и експресно бега во странство.

„Тоа е факт над сите факти. Нашите млади, а во последниве години и цели семејства главно се иселуваат во Италија и Германија, кој отишол повеќе не се вратил назад. Тоа е нашиот најголем проблем, зашто треба да се знае и фактот дека околу 200 куќи во општината, во најголем дел во Пехчево денес стојат празни и со катанци на вратите“, вели градоначалникот Драги Тренчевски,

Малиот град во живот го држи само една голема фирма чиј сопственик е од Штип. Тоа е фирмата „Фагус“.

“Да не е Фагус ние на Пехчево би можеле пепел да му туриме. Таа е од дрвната индустрија и вработува над 450 лица од кои 250 од Пехчево и 200 од Берово. Се друго е мало и ситно и нема значење за локалната економија и за вработувањето, иако е ред да се каже дека и фирмата „Кит Го“ исто така од Штип го разубави градот со хотел, фудбалско игралиште, убаво кафуле, а вложува и во развојот на туризмот“, вели Тренчевски.

Но, дали работата со рудникот е неповратно загубена шанса или…Тренчевски е со став дека сите шанси не се загубени, но и тврди дека треба да се примени нова филозофија во носењето конечна одлука за рудникот..

ТРЕНЧЕВСКИ   Како општина идејата за „Кадиица“ не сме ја напуштиле…

НИКОЛОВ. Идната година на „Солвеј“ му истекува договорот, мали се шансите за „Кадиица“

„Како општина идејата за „Кадиица“ не сме ја напуштиле. Планирама по летните одмори да направиме јавна дебата за ова прашање. Ќе ја повикаме стручната јавност, луѓето од „Солвеј“ компанија која инвестираше во геолошките истражувања на Кадиица, екологистите и, секако, граѓаните на Пехчево. Ако дебатат ни покаже дека отоворањето на рудникот и начинот на експлоатација на рудата нема да имаат последици по животната средина, тогаш како мала, недоволно рзвиена општина, ќе бараме рудникот да проработи“, вели Тренчевски.

Но, Николајчо Николов, заменик генерален директор во рудникот за бакар „Бучим“ кој од руската компанија „Солвеј“ која доби концесија за геолошки истражувања беше назначен за управител на „Кадиица метал“ не е оптимист.

„Во геолошките истражувања „Солвеј“ потроши три милиони евра. Дојдовме до фаза на барање дозвола за експлоатација за што изготвивме проект за подземно лужење. Но, нашиот проект беше одбиен од Владата која не упати на друг начин за вадење на бакарот кој за инвеститорот немаше економска оправданост. Нашите стручни укажувања дека се работи за целосно затворен и за животната средина заштитен систем, не дадоа резултат. Ја почитуваме вољата на новиот градоначалник на Пехчево, убаво е да се поведе нова дискусија за „Кадиица“ и нејзиното евентуално ставање во стопанска функција што може да реши многу проблеми и потреби пред се на Пехчево, но мислам дека шансите „Солвеј“ да продолжи со проектот се мали“, вели Николов.

Идната година во месец мај истекува договорот на „Солвеј“ и Министерството за економија за концесијата за економска експлоатација на ова рудно наоѓалиште. „Солвеј“ има концесија но нема дозвола за експлоатација за кое компанијата не поднела ниту барање поради ставот на поранешната влада. –„Се загуби многу драгоцено време во мал милион расправи и докажувања, затоа мислам дека времето на „Кадиица“ е поминато, барем што се однесува до интересот на „Солвеј“, тврди Николов.

Додека во саботен ден ја шетавме главната улица на малиот град, не видовме ниту еден човек по улиците и на убавиот плоштад. Влегуваме во мала продавница за сешто. Ја прашуваме средовечната продавачка каде е народот. Таа ни возвраќа дека народ во Пехчево повеќе нема. –„Ние тука се прашуваме каде ни се кучињата, зашто и без нив останавме, и тие се изгубија некаде откако нивните стопани си заминаа од Пехчево“, ни рече продавачката.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе