Потсетување на Атиџе, за наук на нашата администрација

Штип, 23.03.2020

До пред не така дамнешно време сите бевме воодушевени од Атиџе Муратова и нејзината славна изрека слушната во филмот Медена земја – пола за мене пола за пчелите. Таа убава, инспиративна мисла сите ние ја прифативме, речиси секојдневно и гласно ја изговаравме, а и ја постиравме по сите можни социјални медиуми. Со тоа сакавме да порачаме дека Атиџе со нејзините пчели ни ја долови суштината на животот и взаемноста помеѓу човекот и природата. Пораката беше дека сме тука, на овој свет за меѓусебно да си помагаме.

Но, како и секогаш и во случајот со Атиџе секое чудо за три дена. Или се додека не дојде редот некои (оние кои имаат добра работа и пристојна плата) од овој свој мед да дадат на пчелите (оние кои најмногу ќе загубат од пандемијата со корона вирусот).  Тоа е време кога економијата и стопанството се соочува со големи проблеми, кога почнуваат проблемите за оние кои на дневна основа ја хранат целата држава, и кога приходите на државата се намалуваат. Па во вакви услови  неопходно е сите кои тоа го можеме да помогнеме, а тука е и јавната администрација. Таа, јавната администрација, заедно со сите јавни општински, државни и секакви други функционери кои живеат на државни јасли, да ја искажат нужната солидарност во вакви тешки времиња, односно, што би рекла нашата Атиџе, да остават малку мед во кошницата, за да можат да се прехранат и пчелите.

Но, засегнатите „пчелари“ (државна администрација) веднаш почнаа со негодување. Се во стилот „па како тоа некој може да ни го зема медот од уста“, па „ние немаме за нас, а камоли медот наш да го споделиме со пчелите“, па медот кој пчелите им го даваат е само нивен, па дури и дека им е недоволен!.

Драга администрацијо, вие и вашите синдикални организации бидете барем малку хумани. Белким и вие знаете дека се ова тешки времиња па ве замолувам да дадете малку придонес во оваа ситуација во каква досега не сме биле. И, ве молам, немојте да паѓате во несвест, дека со 14.500 денари месечно не сте можеле за ова кратко време од само два месеци социјално да издржите! Верувајте, го можете вие тоа, а ако не ви е јасно како е тоа можно можете барем да прашате било кој ваш сограѓанин кој само до пред некој месец работеше за минималец од 12.500 денари. А такви ги имаше најмалку 100.000 вработени во реалниот сектор.

Прашајте, ќе научите нешто ново, нешто корисно, нешто хумано, човечно.

Го имам во предвид и тоа дека во овие услови на рестрикции во движењето нема летови, нема хотели, луксузни шопинзи, зимувања во скапи зимски центри, а згора на тоа и не работат ниту кафулињата, кафаните, театрите, теретаните, кинотеките итн. Што значи дека сега, во овие услови, немате баш многу трошоци…

Останете си дома со семејството, зашто ова ви е одлична можност за семејно дружење. Та, нели, семејството секогаш е во прв план, а не парите кои денес ги имаш утре ги немаш.

И да, да не заборавам – помислете уште еднаш на легендарната мисла на Атиџе – пола за вас пола за пчелите! И применете ја во својот живот оваа мудрост.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе