Приказна за штипскиот базен или: со свој камен по своја глава

Штип, 12.06.2019

И во Штип „ненајавено“ пристигна лето со температури над 30 степени целзјусови, а штипјани се соочени со фактот дека годинава нема да ја имат можноста за разладување на Градскиот базен како единствена и безалтернативна градска можност. Базенот и целиот простор околу него се погодни само за снимање хорор филмови.

Оваа ситуација се обиде да ја искористи опозициската ВМРО ДПМНЕ која на прес конференција им „појасни“ на граѓаните дека базенот немало да работи по вина на актуелната локална власт која не ја бидувало за ништо и актуелниот градоначалник Благој Бочварски кој не реализирал ниту едно од своите предизборни ветувања, вклучително и ветувањето дека Штип ќе има базен.

bazen02 -Очекувањата на граѓаните беа големи, но од година в година спласнуваат како издишан балон. Оваа година е неизвесно дали нашите сограѓани ќе се рекреираат во импровизиран базен, во кој демне сериозна опасност од болести или несреќи, или за прв пат после седумдесет години, во Штип ќе нема место за разладување на летните горештини, порача Игор Ефтимов од опозициската партија.

Од ВМРО ДПМНЕ уште порачаа дека Штип со ништо не заслужиле ваква локална самоуправа, која не се погрижила граѓаните да имаат место за релаксација. Ефтимов рече дека и после две години градскиот татко не може да најде начин и да им овозможи на своите сограѓани соодветен базен, па затоа се приморани да патуваат во соседните градови, рекоа од ВМРО ДПМНЕ.

Но, јасно е дека во овој случај опозициската партија во намера да собере некој поен повеќе, се послужи со невистина. Практично, од ВМРО ДПМНЕ удрија со свој камен по своја глава.

-Општината нема ништо со базенот. Мојот претходник (Илчо Захариев, н.з.) го продаде и базенот и земјиштето околу него на приватна фирма. Ние тогаш, како опозиција, реагиравме со укажување дека тоа не е добро решение, а денес се покажува дека сме биле во право. Ние во туѓа куќа немаме право ред да ставаме. Свесен сум дека на градот му е неопходен базен за разладување и релаксација преку лето, ние такво нешто ветивме во предизборната кампања, а и сега останувам на ветувањето дека таков центар Штип ќе има до крајот на мојот мандат. Сакам да потенцирам дека и минатата година базенот работеше само благодарејќи на нашата добра воља ЈП „Исар“ да даде половина од водата бесплатно, а втората половина да си ја плати корисникот кој обврската не ја исполни па сега проблемот треба да го решаваме на суд. Ветив и јас и нашата политичка структура дека во излетничкото место Суитлак ќе градиме комплекс од базени и тоа така и ќе биде до крајот на нашиот мандат од кој ни остануваат уште 27 месеци, што е повеќе од половина од мандатот кој го имаме, посочува градоначалникот Бочварски.

Тој уште еднаш како одговор на манипулациите од политичкиот противник укажува дека општинската власт, во ова меѓувреме ја подготвила целокупната документација и наскоро ќе се започне со изградба на затворен базен во ОУ „Димитар Влахов“ кој раководството на училиштето ќе има право во денови во кои не се учи, а тоа е главно летниот период, да го стави на користење на граѓаните.

Јасно е како бел летен ден дека тоа што годинава штипјани ќе немаат базен е резултат на „филозофијата“ на поранешниот градоначалник Захариев кој се што можеше продаваше, а така постапи и со Градскиот базен. И токму благодарејќи на таквата „проекција“ на екс градоначалникот штипјани летово ќе мора да се разладуваат на базенот во Неготино, на аква паркот во Пробиштип, на вештачкото езеро Гратче…кои се нивни омилени дестинации.

Се по принципот – кога твојот ти го одзеде твоето, добро е што можеш да го користиш и туѓото.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе