Професор – др Виктор Лилчиќ Адамс на теренот го спроведува проектот:„Дебрца-археолошка топографија на старите градови и тврдини 2018“

Oхрид, 30 септември, 2018

Новото раководство на една од најмалите, со број на население, општини во Македонија – Дебрца, одлучи да ги искористи своите компаративни предности, за брз и интензиен развој на руралниот туризам. Го потикнува процесот “Етно-куќа”, за што има интерерс и кај месното население, а на коe се придружуваат и пензионирани, или невработенми лица од Охрид, Струга, Скопје, по потекло од селата на китната Дебрца.

Скоро во сите села на Дебрца, доминира специфичната рурална архитектура со градби од камен, травертин,со дрвени греди,селски огништа и фурни. Традиционалната селска храна е приказна за себе, а само јагнето ,или јарето – пасени и поено на Караорман, или Илинска планина, е она вистинското, ќе се пофалат Дебрчани.

На теренот се реализираат и  неколку проекти од областа на археологијата, со цел општина Дебрца, како што нагласува нејзиниот агилен градоначалник Зоран Ногачески,  да  прерасне во високо рангирана природна и археолошка туристичка дестинација.

ВЕЛЕНа тоа се надоврзува и новата посовремена димензија, од поново време,од времето на Втората светска војна и антифаштичката револуција, кога Дебрца беше базата на движењето и б орбата за ослободување на земјата од фашистичкиот окупатор. Со Црвена Вода, местото каде се удрени темелите на оваа држава: Oбјавата на Манифестот до македонскиот народ (првиот печатен документ на македонски јазик во 1943 година), конституирањето на Иницијативниот одбор и подготовката на документите за АСНОМ, изборот на делегатите, прифатот на првата сојузничка мисија (никулецот на соработката со западниот свет-денешен НАТО). Потоа Славеј планина (местото на формирањето на батаљонот Мирче Ацев (зародишот, „именденот” на АРМ), Сливото со формирањето на покрупните единици-бригадите и тн.

Општина Дебрца има што да му покаже на светот. Од феноменот на колонијата на штрковите и нивните огромни гнезда на врвовите од бандерите (никој не знае, па ниту белчиштани зошто – од лесната изводливост на плевните, преминале на речиси невозможното во свивањето на семејното гнездо!), кои дошле тука поради богатството и изобилството на вода и жив свет во надалеку прочуениот локалитет Сини Вирој.Од туристички аспект, тоа е неисцрпен потенцијал, некои велат-еден од најголемите извори на чиста вода во Европа.

Археологија наместо депонија, развој наместо пропаст

По средбата на градоначалникот на општина Дебрца, Ногачески со професорот, д-р Виктор Лилчиќ Адамс, од Филозофскиот факултет во Скопје и неговиот истражувачки тим, практично, на теренот, започна реализацијата на проектот: „Дебрца-археолошка топографија на старите градови и тврдини 2018“.

– Целта е да извршиме археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација. Средствата за реализација на проектот, во износ од 100.000 денари се обезбедени од буџетот на општина Дебрца, конкретно од Програмата за развој на културата во 2018 година – појаснува Ногачески.

Ногачески е горд што ја води општината Дебрца, како нагласува, една од врвните оази на културното наследство и природното богатство на Република Македонија. Во овој сеуште девствен природен рај, очигледно е дека никогаш не сме биле сами. Тука вредните раце на голем број човечки души во изминатите столетија ги оформувале своите огништа. Тука биле огромен број села и десетина древни градови. Истражувачкиот тим кој работи на локалитетите „Градиште“ во Лешани, „Кула“ во Песочани, како и „Кула“ во селото Годивје, тоа ќе го докаже и документира.

Треба да се додаде дека, овој проект, е значаен од повеќе аспекти, нешто што го нагласува и самиот истражувач, професор д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Прво, ќе се изврши именување и датирање на секој археолошки локалитет, со што утре туристите (а Дебрца е свртена кон силен развој на руралниот туризам),  ќе знаат за што се работи. Во тесна врска, е,значи, развојната димензија на оваа мала, но со потенцијал многу богата општина. Со многу убавини, за кои, за жал, или малку знаат, или пак, од други интереси, поединци и институции сакаат да ги нагрдат.

Истражувањата на археолошките локалитети во Дебрца, се значајни и од еден друг аспект.Имено, досега, а особено во последнава деценија на такавиканата “политичка антиквизација”, основна преокупација на археолозите, како да им беше творештвото од античката епоха во Македонија. Професорот, д-р  Лилчиќ, составува еден друг, нов наратив, нов преглед на средновековните знаменитости.

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе