РЕФЕРЕНДУМ: Гласале 666.743 граѓани од кои 91,4 проценти биле „ЗА“

Штип, 01.10.2018

Пред половина час Државната изборна комисија ги соопшти конечните резултати од вчера одржаниот референдум на кое граѓаните на нашата држава се определуваа по прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО3 со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција.

Според Оливер Дерковски, претседател на ДИК, по обработката на сто проценти од избирачките места резултатот е следен:

Од вкупно излезените 666.743 граѓани на референдумот 91,4 проценти го дале својот глас за договорот, 5,65 проценти биле против, а 2,89 биле неважечки ливчиња.

Тоа изразено во гласови значи: За прифаќање на договорот биле 609.813 граѓани, против 37.700 а неважечки биле 19.221 од гласачките ливчиња.

Бидејќи во Избирачкиот список се запишани 1.806.336 избирачи , според ДИК одлуката не е усвоена зашто на гласањето не излегле повеќе од половина граѓани кои се запишани во избирачкиот список.

Од СДСМ излегоа со став дека покрај кукавичкото однесување на Христијан Мицкоски и дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои отворено спроведуваа бојкот, и членови и пратеници на оваа партија излегоа и гласаа по своја волја.

Она што е важно за најважната демократска алатка, граѓаните излегоа слободно и без притисоци и по сопствено убедување гласаа, во огромно мнозинство ЗА европска Македонија. Гласот на над 600.000 граѓани е јасен повик сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел, интеграција во ЕУ и НАТО.

Сега, кога има јасно изразена мнозинска волја на граѓаните, на ред се пратениците во Собранието да го следат гласот на мнозинството со цел да се забрзаат процесите што обезбедуваат иднина во ЕУ и НАТО, сметаат во СДСМ.

Премиерот Зоран Заев рече дека овие денови ќе се знае дали ќе има договор со опозицијата целиот за државата важен процес да се заврши во Парламентот, а ако тоа не се случи ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

Од ВМРО ДПМНЕ излегоа со следново барање: „Ден после референдумот СДСМ им должи одговор и отчет на граѓаните. Колку пари потрошија СДСМ за кампањата за неуспешниот референдум за капитулантскиот договор кој што го случија“. Од партијата сеуште нема одговор на предлогот на Заев целата работа да се заврши во Собранието на Македонија, а ако тоа не се случи да се оди на предвремени избори. И за двата предлога опозициската партија сеуште се нема изјаснето.

Се јави и Стопанската комора на Македонија. –„Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината со планираниот економски раст од 3,2 отсто и без какви било негативни последици врз деловниот сектор, тогаш процесот по вчерашното референдумско изјаснување треба да заврши што побрзо и поедноставно“, сметаатво Стопанската комора на Македонија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе