Светски експерти по рударство одушевени од „Бучим“

Радовиш, 14.06.2018

Високи раководители од рударски компании кои работат на проекти во повеќе земји во светот во рамките на „Минекс Еуропа 2018“ денеска беа во посета на единствениот рудник за бакар во Македонија  – „Бучим“ кај Радовиш. Тие пројави интерес за сите аспекти: економски, геолошки, еколошки, безбедносни. Нивниот интерес за „Бучим“ го задоволија Николајчо Николов, заменик генерален директор и Васил Борутски, генерален директор.

Гостите беа информирани дека во 39 годишното работење на рудникот, од неговите рудни тела е ископана рудна маса од 356 милиони тони, од која 220 милиони тони се јаловина, а 136 милиони тони руда.

200„Во светски рамки „Бучим“ е мал рудник со годишно производство од само 4,5 милиони тони, рудата е со многу ниска содржина на бакар, но златото е тоа кое ја подобрува економската слика и рудникот го прави економски профитабилен“, посочи Николов.

Рудникот прави профит од најсиромашна руда на светот, за 39 години не е регистриран случај со смртни последици на работа ниту со тешки повреди, во погонот за лужење катоден бакар свои гнезда свиваат бројни ластовички, а тоа е резултат на вложувањата во заштитата на животната средина…

Според Николов на подобрите економски резултати на рудникот влијаела стратегијата за искористување на сите можности кои ги дава подрачјето, поради што во 2011 година бил отворен погонот за катоден бакар од кој годишно се добиваат околу 1.000 тони бакар.

„Овој погон има и своја еколошка поента, со него, како затворен систем, ги зафативме сите води, ги прочистуваме па прочистени тие одат во брегалничкото сливно подрачје. Дека животната средина е на највисоко ниви говорат и ластовичките кои летаат по халите а некои си направиле и свои гнезда во нив“, посочи Николов.

За да докажат дека рударството и земјоделието можат заедно, во „Бучим“ решиле да купат нива од шест декари која е веднаш до фабриката за лужење, а на која засадиле лозје.

„Од првиот род менаџерскиот тим ќе биде тој што ќе го проба, а од него ќе направиме и вино од кое ние први ќе се напиеме за да ги увериме сите кои не веруваат дека рударството, земјоделието и здравата животна средина можат заедно“, појасни Николов.

Васил Борутски зборуваше за новото рудно наоѓалиште „Боров Дол“ за кое рече дека е на само 8 километри од рудникот во чија флотација ќе се преработува, дека ќе го продолжи животниот век на „Бучим“, а дека при неговата проекција посебно е водено сметка за животната средина…

Во однос на безбедноста при работа Николов рече дека „Бучим“ е светски раритет.

„За 39 години работа нема ниту еден смртен случај на работно место, ниту потешки повреди, на безбедносниот аспект му посветуваме најголемо внимание и резултатите се тука“, рече Николов.

Претставниците на „Минекс Еуропа 2018“ го изразија своето воодушевување од сé што значи рудникот „Бучим“. Тие рекоа дека во светот рудници со вака мала содржина на бакар се затвораат, но го пофалија менаџерскиот тим за иновативноста во производниот процес со што успеале рудникот да го направат профитабилен и перфектно да ја зачуват неговата животна средина.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе