Се сруши заштитната ограда на градилиштето кај зграда „Промаја“

Попладево во Штип за малку ќе се случила трагедија, сведочат очевидци на настанот.  Коледари и бадникари и други минувачи за дел од секундата ќе настрадале од заштитната ограда која се срушила пред очите на минувачите. Децата некако успеале да ја избегнат острата лимена ограда, но еден повозрасен минувач бил поткачен само за палтото па се спасил. Станарите и минувачите кои биле во непосредна близина притрчале да помогнат, но се добро се завршило без никој да биде повреден.

Се смета дека заштитната ограда паднала од силниот ветар кој на оваа локација дува од сите страни, па не случајно овој станбен објект уште по изградбата пред половина век го добил називот зграда „Промаја“.

Пред извесно време кога во непосредна близина почнаа да се ископуваат цели грамади до самите темели на зградата со изговор дека ќе се градат шест обични гаражи, станарите веднаш реагираа дека со тоа се поткопуваат темелите на зградата, а новиот објект во изградба е дивоградба.

За оваа изградба стотина станари неколку пати протестираа дека во услови кога жителите кои живеат во зградата немаат простор за паркирање пред зградата, немаат никаков рекреативен простор за децата од зградата, сметаат дека проблемот со паркирањето воопшто нема да го решат само шест обични гаражи.

Но, на досегашните протести и во самата петиција потпишана од над 80 семејства кои имаат станови во оваа култна зграда на Штип која се гледа од сите влезови во градот, станарите излегоа со сомневање дека таму ќе се градат некакви гаражи, затоа што темелите што изведувачот на работите деновиве ги почнал кажуваат дека се толку големи и длабоки што се алудира на тоа дека на ова место ќе се гради облакодер или нешто слично, а најмалку обични гаражи.

Задоволни што во ова празнично поладне не се случила трагедија, а голем дел од минувачите биле млади жители на оваа зграда, бараат уште една средба со градоначалникот на Штип кој наместо да ја стопира изградбата како што вети на станарите на првата средба со нив на 22 ноември одржана на местото на дивоградбата, изградбата се интезивира.  По овој немил настан и инцидент станарите бараат со цел да се стопира оваа наводна легална градба и да се изврши некаква пренамена, а од општинските комунални, урбанистички и надзорни служби инсистираат најмалку еднаш во неделата да се проверува изведувачот и инвеститирот, што тие всушност, таму градат, а градоначалникот да си остане на првично ветеното.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе