Силни пораки до студентите на првиот академски час на УГД

Штип, 01.10.2018

Стотици студенти денес во свечена атмосфера присуствуваа на првиот академски час на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Во Мултимедијалниот центар новите студенти ги поздрави министерот за образование и наука и ректорот на УГД проф.д-р Блажо Боев. Министерот Арбр Адеми истакна дека овој Универзитет е еден од најбрзо растечките универзитети во Македонија и дека студентите го направиле вистинскиот избор.

Инфраструктурните услови на овој Универзитет се одлични, а мислам и дека кадарот покажува исклучителен интерес за студентите. Овој кадар придонесува за севкупната иднина на оваа земја. Несомнено дека сите кои одлучиле токму овде да го оформуваат своето знаење се во добри раце и можат да бидат спокојни и ќе го стекнат вистинското знаење, изјави министерот Арбр Адеми.

- Ректорот проф.д-р Блажо Боев
– Ректорот проф.д-р Блажо Боев

Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев им посака добредојде на студентите и им кажа дека тие се они кои треба да бидат идните лидери на својата земја.

Постојат успешни и неуспешни и тоа е лигата на овој свет. Сето останато ќе го следи овој тренд. Почитувани студенти ние во светот немаме пријатели, тоа е лоша вест. Полоша вест е дека никој во светот нема пријатели. Постојат протоколи, дипломатија каде сето ова на поубав начин се прикажува. Секој го брани својот интерес и секој сака некого во рамките на неговиот сопствен интерес. Драги студенти сето ова мора да го имате предвид и смелост од целата своја енергија, да го соберете сето она знаење кое ви го нуди универзитетот, да се борите за своите права, да барате од вашите професори да знаат и да ви го пренесат знаењето затоа што само тоа ќе ве направи членови на светската лига, изјави ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

Во рамките на својот говор ректорот на УГД ја анализираше и целокупната состојба и криза која ја трпи македонското општество во изминатите години.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе