СКОПЈЕ: Формирана мрежа против говор на омраза во медиумите

30.01.2019

На денешната прес-конференција во ЕУ Инфо центарот, во Скопје, беше соопштено дека е формирана Мрежа за борба против говор на омраза во медиумите, чиј иницијатор и координатор е Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

SOVET ETIKA ROBERTВо формирање на Мрежата учествуваа професионалните медиумски и новинарски здруженија, доносители на одлуки, државните и регулаторните тела надлежни за заштита на човековите права, организации од граѓанскиот сектор и други субјекти од сферата на медиумите и заштитата на слободата на изразувањето и човековите права. Извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева истакна дека во борбата со говорот на омразата најзначајни се заедничките обиди и делување и меѓусекторската соработка. „Само преку координацијата на нашите дејствија ќе биде возможно да се изгради и сеопфатна стратегија против говорот на омраза“, рече таа.

Процесот на формирање на Мрежата беше поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Убеден сум дека воспоставувањето на оваа Мрежа ќе има влијание врз јавното мислење и ќе го спречува говорот на омраза во медиумите. Меѓу 2017 и 2018 година Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, поздрави некои позитивни реформи во медиумите, притоа подвлекувајќи ја потребата од подобрување на општата ситуација со медиумите во земјата“, истакна амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

SOVET ETIKA 1Претседателката на Управниот одбор  на СЕММ Катерина Синадиновска, зборувајќи за важноста на формирањето на Мрежата, истакна дека е особено значајно обединувањето на сите алки од системот на државата, како и од граѓанскиот и медиумскиот сектор. „Ова е комплексен процес на растење на општеството и култивизација на јавниот дискурс и, токму затоа, неодговорно е да се очекува дека само преку ангажман на медиумите и новинарските здруженија ќе може да дојде до сериозни проблеми. Еднакво одговорни се и властите и органите на системот кои што, и тоа како, имаат надлежности, имајќи го предвид Кривичниот законик“, рече Синадиновска.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски информира дека во периодот од 2014 до 2017 година се евидентирани 49 случаи на говор на омраза во медиумите, кои претставуваат речиси 30 проценти од сите добиени претставки за нарушување на етиката во медиумите во тие три години.

„Во 2017 година тој процент е намален, што јас го толкувам со промените во општеството, што покажува колку политиката влијаела и влијае врз говорот на омраза. Податоците за 2018 година ја урнаа надежта за намалување на бројот на претставки за говор на омраза во медиумите. Новите политички и квази политички битки се одразија врз состојбите во медиумите. Па така, за минатата година забележуваме 23.8 проценти случаи на говор на омраза“, рече Адамчевски.

На денешниот настан беше претставена и Декларација против говор на омраза во медиумите, со чие потпишување се означи почетокот на функционирање на Мрежата. Кон Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите  пристапија:

v  Министерство за внатрешни работи на Република Македонија – МВР

Министерство за информатичко општество и администрација – МИОА

v  Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност

v  Народен правобранител на Република Македонија

v  Академија за судии и јавни обвинители

v  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ

v  Здружение на новинари на Македонија – ЗНМ

v  Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ

v  Институт за комуникациски студии – ИКС

v  Македонски институт за медиуми – МИМ

v  Центар за развој на медиуми – ЦРМ

v  Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија

v  Коалиција Маргини

v  Фондација Метаморфозис

v  Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС

v  Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД

Иницијативата за формирање на Мрежата е поддржана и од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Процесот за пристапување кон иницијативата е отворен за сите заинтересирани организации, здруженија, институции и медиуми.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе