Слава и чест на генерал Тодор Атанасовски

Oхрид, 27.07.2018.

Нека ми биде дозволено да изразам жалење и сочувство кон семејството, по повод смртта на Тодор Атанасовски, генерал полковник во пензија, првоборец-носител на партизанска споменица од 1941 година.

Наполни  93 години, исполнети со непрекидна борба, најнапред во борбените партизански одреди за време на НОВ и ПОМ и фашизмот во Втората светска војна. По војната, до пензионирање во 1985 година, извршувал повеќе високи воени должности меѓу кои последните негови највисоки должности: началник на главниот штаб на Народна одбрана на СР. Македонија (1974 – 1982) и командант на Републички штаб за територијална одбрана на СР. Македонија (1982 – 1985).

Во пензионерските години генерал Атанасовски остана активен допринесувач во полето на одбраната како претседател на Сојузот на борците на Македонија и подржувач на придобивките од револуцијата.

Бев и сум член на таа организација, уште од мојата младост, затоа што верував и верувам дека ние Македонците, добивме држава, токму поради борбата на Тодор Атанасовски и истите како него. Особено сум горд што моето Црвена Вода, беше извориштето на нашата државност, на нашата Армија, на се што е македонски атрибут. Тука беа избрани, од тука тргнаа делегатите за Прохор Пчински, тука беа подготвени сите документи.

Жалам што денеска АСНОМ се слави на гола ливада во Пелинце!

Се гордеам со фактот дека целото мое поблиско и подалечно семејство, активно учествуваше во НОВ и ПОМ, а мојот татко Ристо, до последните мигови од животот, беше член на Претседателството на Боречката организација за Охрид и Дебрца. Исто, како што се гордеам со фактот, дека мојот дом, во 1943 гоидина, беше дом и на Петре Пирузе-Мајски.

Ми беше чест, задоволство и големо искуство, познатството и пријателствувањето со генералот Атанасовски. Едно време бевме и колеги – колумнисти во ист весник. На негови години, беше неверојатно, да се има така бистар ум, чиста мисла, за секого разбирлив речник.

Нека му е лесна земја, нека почива во вечен мир, таквите – како него, имале за што да се родат.

Веле Митаноски

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе