Спектакуларно отворање на ШКЛ со сопранот Елена Голомеова

Штип, 30.06.2018

Штип синоќа го имаше најспектакуларното отворање на Штипското културно лето во неговата 33 годишна историја на постоењето. Во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“, во кое немаше празно место, сопранот Елена Голомеова, штипјанка која дванаесет години работи во операта во Ница и е чест гостин на европските оперски сцени, ги одушеви своите сограѓани.

елена
Елена Голомеова ја осви сцената и публиката

Со убав, пригоден за ваква прилика говор градоначалникот Благој Бочварски го отвори 33-то Штипско културно лето. Во своето обраќање Бочварски потенцира дека ШКЛ е штипски но и македонски културен бренд, дека Општина Штип секогаш ќе го поддржува зашто на него свое место имаат квалитетните културни настани од класичната музика, уметноста, литературата….Настанот го следеше и амбасадорот на Франција во Македонија, г-дин Тимоние.

Бочварски го отвора ШКЛ
Бочварски го отвора ШКЛ

Кога се појави на сцената и кога во акустичната сала го „пушти“ својот раскошен глас, сопранот Елена Голомеова доживеа големи овации. Таа ги освои срцата на публиката уште со првата арија „Врати се“ од Е.Де Кутрис. Придружувана од малиот симфониски оркестар на МОБ, воден од концерт мајсторот Климе Тодоровски како прва виолина, Голомеова го продолжи настапот со атрактивната нумера „Под небото на париз“ за по една  нумера на оркестарот да ја продолжи програмата со „Не ме заборавај“ од Е.Де Куртис.

Овациите не престануваа, а дел од публиката која го чита овој портал со нетрпени го исчекуваше најавениот од Голомеова момент, големото пријатно изнанадување, македонската забавна мелодијана на која Елена и оркестарот посветено работеле со цел на публиката да и дадат едно дополнително, пријатно изненадување.

 

Амбасадорот на Франција Тимоние со градоначалникот Бочварски
Амбасадорот на Франција Тимоние со градоначалникот Бочварски

На ред дојде „Неблагодарно срце“ од С.Кардиљо, а потоа и „Малечкит усни“ од Ф.П.Тости. Елена собираше мал милион аплаузи, со какви публиката го награди и оркестарот при неговите инструментални изведби. И, конечно дојде моментот кога беше задоволено големото исчекување. На првиот такт на музиката публиката во салата ја препозна легендарната „Чија си“ на Славе Димитров, еден од основоположниците на Македонската забавна музика. Настана бура од воодушевување, а кога моќниот глас на сопранот Голомеова го испеа првиот стих публиката долго скандираше. Тоа беше знак на благодарност што Голомеова на својот репертоар ставила една македонска забавна песна која одамна е влезена во легендите.

Програмата продолжи со „Чадорите од Шербур“ на М.Легранд, потоа со „Санта Луција“ на Т.Котро и „Мамо, колку сум среќна што се вратив во мојот град“ од С.А.Биксио. За крај Голомеова ја остави „Химна на љубовта“ од М.Моно.

По длабокиот наклон пред публиката, цела сала стана на нозе и со овации ја поздрави својата нова миленичка. Аплаузот громогласен и од срце испратен до Елена, практично значеше „Елена те сакаме, ти благодариме за прекрасното доживување“. На таа љубов испратена од публиката, Елена Голомеова одговори со повторнен настап со „Под небото на париз“. Одново големи и долги аплаузи како знак дека две енергии-онаа на Елена и другата на публиката-се споија во една синергија која позитивно ги зароби сите сетила на присутните, а секако и на Елена и оркестарот кој супериорно си ја одработи задачата.

Инаку, Елена Голомеова се врати на сцената во родниот Штип по пауза од 24 години. Тогаш публиката неа ја запозна како мало, симпатично девојче кое настапи на фестивалот за деца „Весело штурче“ со песната „Тина татина“ која стана победничка песна. Од тој миг тргна нејзината преубава приказна за да стигне до Ница, каде работи во тамошната опера, а од неодамна и во Париз. Со својот шарм, елеганција, со гласот пред се и над се, Елена Голомеова ги освоие европските оперски сцени а штипјани и гостите од блиските места ја имаа таа привилегија да бидат дел од една преубава штипска, а во исто време и светска ноќ која и ја приреди сопранот Елена Голомеова и оркестарот кој ја придружуваше во кој беше и Ване Аревски, флејтист, штипско дете.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе