Теа си најде нов дом, а во него и голема мајчинска љубов

Штип, 06.06.2019

Двегодишната Теа е мило девочје на двегодишна возраст кое останало без родители за пред половина година да си најде нов дом и нова мајчинска љубов. Теа е згрижена во семејство во Пробиштип како дел од проектот на Владата „Дом за секое дете“.

-Кога слушнав за проектот на Владата преку Министерството за труд и социјална политика за секое дете да има свој дом, си реков во себе дека јас морам да бидам дел од таа позитивна, хумана приказна, да згрижам дете кое од некоја причина одстанало без родители, без дом, да му дадам мајчинска љубов која му недостига, да се грижам за него со сето мое срце и посветеност. Имам убава и пространа куќа, судбината посака да бидат сама во неа, па си реков дека барем едно дете мора да го исполни овој простор со нова позитивна енергија. Така ни рече Зора Миревска (59) која како рударски инженер работела во рудникот „Злетово“, а веќе две децении е во инвалидска пензија.

Зора е сопруга на Станко Миревски, еден од поранешните генерални директори на пробиштипскиот рудник. Миревски почина пред осум години, а семејството во 2007 година ја загуби тогаш 18 годишната ќерка која загина во трагична несреќа на излезот од родниот град.

-Од тогаш преку нашиот Центар за социјални работи барам да посвојам девојче. Конечно, откако Владата преку проектот „Дом за секое дете“ ја промовира идејата за згрижувачки семејства, по четиримесечно чекање, добив шанса да усреќам некое мало девојче, а со него и јас да отворам нова етапа во мојот живот. Четири месеци доаѓаа вработени од Центарот за социјални работи да ги истражуваат условите за нормален живот и растење на згрижено дете, па кога констатираа дека во мојот дом Теа ќе ги има сите услови за убав живот исполнет со мојата љубов кон неа, ми се изполни желбата, посочува Зора, која за Теа се грижи од средината на месец јануари, годинава.

Теа сеуште не зборува добро, девојчето  на Зора и се обраќа со „мама“ на што Зора и возвратува со „баба“.

„Имам 59 години, иако се чувствувам како мајка на Теа, сакам да ја навикнам да ме вика баба зашто јас од синот кој живее во Канада имам внука која е на иста возраст како и Теа, па сакам и двете да ме викаат баба“, категорична е Зора.

Да се згрижи дете не е исто како и да се посвои. Згрижувачкото семејство има обврска еднаш годишно да потпишува договор со надлежната институција за продолжување на статусот, а во тоа меѓувреме од Центарот за социјални работи од Пробиштип еднаш месечно го посетуваат семејството Миревски за да ги проверат условите во кои расте бебето и да се соочат со неговиот напредок.

-Теа е многу пргаво девојче, бескрајно љубопитно, сака кога ни доаѓаат гости  да им седне в скут, да ги тегне за ракав, да ги штипка по образите…Таа преферира да биде самостојна не сака многу да ја држам во рацете, среќа е што имам голем и убав двор  во кој сé е направено по нејзина мерка. Теа најмногу сака да се игра во дворот, да се ниша на љуљашките, сега не мора дома да ми е се перфектно чисtо, важна  ми се нејзината среќа. А кога ја доведов дома беше како изгубено девојче кое чека нешто важно да и се случи во животот, вели Зорa Миревска.

Во Пробиштип нема човек кој не ја знае хуманата Зорa. Најмногу ја познаваат по нејзиниот секогаш ведар лик, по позитивната енергија која ја шири насекаде околу себе, по убавиот збор кој го има за сите…За неа во рударскиот град се говори само во суперлатив, многу е почитувана..Јасно е дека животот не бил милозлив кон неа, но Зора сепак нашла сила, љубов и емоции да внесе радост и светлина во душата на едно мало девојче.

-Многумина ме прашуваат дали во Теа јас ја барав и ја барам мојата прерано загубена ќерка Марија. На сите им велам дека одвреме-навреме и самата си го поставувам тоа прашање, можеби има нешто и од тоа, но јас знам дека не погрешив со Теа зашто животот мој сега доби нова смисла, нова димензија, нов квалитет…Сега, после сите тешки семејни загуби јас сум целосно посветена на Теа за која сум подготвена и животот да си го дадам, појаснува мама или баба Зора.

Таа препорачува секое семејство кое има можности да згрижи дете.  Тврди дека со таков потег тие ќе почуствуваат неверојатно позитивни промени во своите животи, а што е најважно, со таквиот свој потег тие ќе донесат неизмерна среќа во животот на дете кон кое самиот живот не бил многу милозлив.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе