ФЕСТИВАЛ НА ФЕСТИВАЛИТЕ

Требиње, 24.07.2022

Во градот  Требиње, во БИХ, од 20 – 26 Јули се одржува фестивалот на аматерските драмски театари од екс југословенските држави. Од Македонија на фестивалот учествува драмската група „Чекори“ од Скопје со претставата „Гласови“. Член на жириот од нашата држава е Трајче Кацаров, писател и драматург кој од убавиот град ни ја испрати оваа информација.

-Уште од најраните години секогаш сум се соочувал со сентанцата, се разбира кога се подавале прилики за тоа, „Тивка вода брег рони“. Сум ја користел многупати и јас, поготово кога ќе сум бил во ситуација да ја потенцирам потребата  од смиреност и тивкост во походот кон остварувањето на поставената цел.

За „Фестивалот на Фестивалите“, што веќе по 65. пат се одржува во Требиње, би можел да кажам дека ги има особеностите на реката Требишница. Тоа е река која едвај движејќи се, потивка од гроб, до местото на понирањето, му овозможува на градот и полето околу него, да го развиваат комплексот на Нарцис, огледувајќи се во нејзините бистри води.

Смирен, тивок-не многу чуен, исто како и Требишница Фестивалот на фестивалите удира во брегот на театарската уметност и прави реверанс каков брегот и очекува.

За поздравување се напорите кои ги чини општината Требиње, во ињектирањето живот на еден од најзначајните форуми на аматерските театари на просторите на бившата АФРЈ. Првите знаци на живот го подал пред 65 години. Првичното место на одржувањето на форумот каде театарот гордо ја разгласува својата невиност, бил Омиш. Од 1971 година , улогата на домаќин на најдоброто остварување во аматерскиот театар ширум тогашната СФРЈ,  го презема општината Требиње. Содржина на „Фестивалот на фестивалите“, отсекогаш  биле победничките претстави на републичките аматерски фестивали, сега веќе на државите кои некогаш беа федерални единки на СФРЈ.

Годинава се слави 65 години од оснивањето на „Фестивалот на Фестивалите“. Победничките претстави доаѓаат од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија.

Нека живее Фестивалот на фестивалите, зашто со него живее детството на театарската уметност.

Трајче КАЦАРОВ

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе