Формиран Семакедонски национален совет – Македониум

  • Македониум бара спроведување на попис, внесување на придобивките од АСНОМ во Уставот, а Македонија да биде една изборна единица

Mелбурн, 21 јануари 2016

Со цел, како што се наведува во Прогласот-јавното обраќање до македонскиот народ, одбрана на македонските национални интерси, македонската дијаспора формираше Семакедонски национален совет – Македониум.

Советот ќе биде управан од Македонци ширум светот. За претседател е избран Страшко Олумчев, додека четворицата заменици претседатели се Проф.Нестор Огинар, Никола Ставрески, Ристо Поповски – Лавот , Виолета Матијевиќ, Ицо Најдовски-Перин. Во раководството уште се и Ангелина Маркус, Љупчо Мирчевски -Трепет, Воислав Зафировски, Костадинка Ѓорѓевска и други.

„Ние Македонците не ги признаваме меѓународните, штетно потпишани договори и стратегии во име на македонскиот народ и Македонија, од страна на Владата на Република Македонија, преку кои Македонија и народот се донесени во ситуација да се бранат и да се борат за своите човечки и национални правдини“ – се вели во Прогласот.

Се наведува дека не се прифаќаат и уставните одредби со кои државата Македонија се откажува од Македонците во соседните држави и Македонците иселеници, што за нив претставува ,,легализирана дискриминација преку која се врши и спроведува доброволниот културен геноцид врз Македонија и врз Македонците, односно врз Македонската држава и врз Македонскиот народ“.

Тие се против промена на вековното име и идентитетот и сметаат дека Македонија е исправена пред својата последна историска битка за својот идентитет и опстанок како нација, за одбрана на својаа државност, суверенитет и интегритет.Се противат на  промената на, како се наведува, вековното име и идентитетот.

Обраќајќи се до претседателите на политичките партии, посебно до двете засега најголеми ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Груевски и Заев, тие бараат меѓупартиски договор, за безусловен прекин на преговорите за името и поднесување предлог во ООН за признавање на Македонија под Уставното име, согласно повелбите на ООН.

Потоа, спроведување попис, внесување на придобивките од АСНОМ во Уставот, во делот на Преамбулата. Македонија да биде една изборна единица, да се врати  Министерство за иселеништво, а на сите Македонци по род, по автоматизам им се издава Македонско државјанство,без оглед дали живеат во државата или надвор од неа.

Барат ревизија на приватизацијата на општествениот капитал, но и ревизија на имотите на сите македонски политичари и државни службеници од 1991, враќање на старите македонски симболи и тн.

Досега, сличен, Националниот совет, имаше формирано  македонската национална заедница во Србија, чиј  претседател е Борче Величковски.

(Крај)

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе