Штипската вода и лажните фактури во политичка пресметка

Штип, 23.01.2019

Штип  Од почетокот на оваа година граѓаните на Штип од градскиот водовод ќе пијат за пет проценти поевтина вода од градскиот водовод. Информација ја објави градоначалникот Благој Бочварски кој рече дека се работи за второ намалување на цената на водата откако тој и новиот состав на Советот на општината го превзедоа раководењето со градот.

-Првото намалување од пет проценти го имавме на почетокот од минатата година. Тогаш ветивме дека на стартот од 2019 година ќе имаме ново номалување исто така од пет проценти. Тоа и го правиме и со овој потег ги враќаме парите кон граѓаните, рече Бочварски.

На штипјани им беше јасно дека за вака суптилна тема нема да изостане и ставот на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Со писмено соопштение од партијата се обратија до штипската јавност само еден час по обраќањето на градоначалникот Бочварски.  Од оваа партија го обвинија таткото на градот дека манипулира со јавноста.

– Најавата дека водата се намалува за десет проценти е популистичка и не е реална. Тоа се утврдува од сметките за вода кои се испорачуваат до домовите и компаниите. На нив се гледа вистинската слика – сметките се неколкукратно зголемени, затоа што е зголемена ставката за наплата на смет. Тоа значи дека и покрај намалувањето на цената за вода, сметката е повисока, а граѓаните плаќаат повеќе за смет и ѓубрарина! Со оваа манипулација на Бочварски не се враќаат парите кај граѓаните, не доаѓа животот во Штип, туку од нереалните сметки кои ги доставува Локалната самоуправа се празнат паричниците и се ослабува економијата во нашиот град, рекоа од ВМРО ДПМНЕ.

За да ја поткрепат оваа своја теза опозиционерите објавија и две фактури за плаќање на вода и други комунални давачки кон ЈП „Исар“. Тие потенцираа дека од фактурите се гледало дека во нивно време, кога градот беше под управа на ВМРО ДПМНЕ, комуналните давачки-вода, смет, џеленило- биле поефтини за 532 денари.

Но, веднаш по таквата „достава за јавност“ одново се јави Бочварски. Тој порача дека се работи за тешка манипулација со вистината, за објава на лажни фотографии од фактури за комунални услуги.–„Од двете приложени сметки за комунални услуги како бел ден се гледа манипулацијата на ВМРО ДПМНЕ. На првата сметка се работи за давачки за површина од 120, а на втората за површина од 350 метри квадратни. А тие тоа се обидоа да го продадат на јавноста како како сметки за иста квадратура“, порача Бочварски.

(и.б.)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе