Штипскиот универзитет и во Прилеп ќе постави нови станици за мерње на квалитето на воздухот

Штип, 12.02.2019

Универзитетот „Гоце Делчев“ кој од 2015 година преку свои мерни станици го мери квалитетот на амбиенталниот воздух во Штип, Струмица, Прилеп и на две локации во Кавадарци наското ќе постави уште најмалку една мерна станица во Прилеп. Ова е на барање на локалната прилепска власт.

„Денес со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип потпишуваме меморандум за поставување на нова мерна станица која ќе го мери квалитетот на амбиенталниот воздух во нашиот град и во нашиот регион. Посветени сме на обезбедување здрава животна средина на нашите сограѓани, а новата мерна станица само ќе биде прилог и услов повеќе во секое време, односно 24/7 да имаме информации во однос на тоа каков воздих дишат прилепчани па ако се појават пробелми во оваа сфера ургентно да ги решаваме“, рече прилепскиот градоначалник Илија Јовановски.

Од другата страна на меморандумот потпис стави ректорот академик, проф.д-р Блажо Боев.

-Прилеп е многу важна општина во перцепциите на Универзитетот и неговиот развој. Овој чекор е своевидно искажување на нашата општествена одговорност кон сите општини во државата кои имаат потреба од знаење и зголемување на стандардот на живеење на граѓаните и нивна поголема информираност. УГД во Прилеп има наставен центар, а таму има неколку образовни програми. Меморандумот вклучува соработка во науката, истражувањето, образованието, културата и во сферата на она што значи информираност на граѓаните, изјави ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

Универзитетот во наставниот центар во Прилеп има насоки од Факултетот за природни и технички науки, Земјоделскиот факултет и Технолошко – техничкиот факултет.

Според проректорот Дејан Мираковски, во текот на оваа година мерна станица за квалитетот на амбиенталниот воздух ќе биде поставена и во центарот на Берово.

Прилепскиот градоначалник Илија Јовановски рече дека откако прилепска Витаминка ја зеде и ја рестартира фариката за масло Брилијант во Штип, двата града воспоставуваат  едно повисоко ниво на соработка.

Благој Бочварски посочи дека Штип и Прилеп имаат многу нешта за размена на  искуства, а првото искуство кое Штип ќе го користи од Прилеп е начинот на кој овој град ја уреди својата филтер станица за вода.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе