Штипското вемере доби нов претседател, дали е тоа нов удар врз градоначалникот Захариев?

Штип, 05..03.2017

  • Пред 15 месеци Захариев беше против тоа Ивановски да биде прв штипски вмровец, тој си имаше свој кандидат во ликот на директорот на ЈП „Исар“ Ангел Бојаџиев, но откако Ивановски заседна на тронот Захариев му се приближи вработувајќи му член на семејството во надеж дека Ивановски ќе одработува за неговите интереси….

Од пред три дена ВМРО ДПМНЕ во Штип е со нов претседател. Стоматологот Дејан Ивановски доби шут картон, а на престолот заседна актуелниот пратеник Трајче Димков. Исток прес, два дена пред смената, ја најави смената.. Тогаш објавивме дека во ОК на ВМРО ДПМНЕ во Штип е направена промена на челната позиција. Но трагајќи по вистината наидовме на негирање на нашата информација, за два дена потоа таа да биде официјално потврдена.

13495304_1146710635350932_7576676083972152516_n
Трајче Димков, пратеник и нов координатор на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Штип
hqdefault
Стана ли Ивановски жртва на нескротениот апетит на Захариев за апсолутна власт во Штип?

Тој политички настан стана причина во Штип наголемо да се вртат муабети на тема зошто, по само 15 месеци раководење со партијата, Дејан Ивановски мораше да абдицира.

Според слушнатото во кулоарите (кај луѓето владее општ страв да зборуваат со име и презиме) целта на смената на Ивановски била да му се задава силен удар на градоначалникот Илчо Захариев за неговите нескротени апетити да има се под своја контрола, па дури и партиските работи.

Упатени во состојбите во штипското вемере тој факт го образлагаат вака: кога пред 15 месеци требало да се избира нов претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Захариев силно лобирал за личност од неговото непосредно опкружување. Збор станувало за директорот на ЈП „Исар“ Ангел Бојаџиев. Но, од другата страна со Дејан Ивановски како свој кандидат излегол Ванчо Костадинов, заменик министер за земојделие кој во партијата има многу поголем рејтинг од Захариев. Природно, Костадинов ја добил битката по што неговиот пулен  Ивановски беше избран за прв штипски вмровец.

Кога се соочил со фактот дека Костадинов бил преголем залак за него, Илчо како итра лисица, му се вовлекол под кожа на Ивановски. За да го има со себе и за своите цели, тој ургентно обезбедил работно место во ЈП „Исар“ за блиска роднина на Ивановски, по што тие станеле речиси нераздвојни. Од тој момент Захариев станал неформален прв човек на партијата, а Ивановски не се појавувал во јавноста, во медиумите а го немало и на важни настани во организација на партијата на чие чело бил.

Општопознат е фактот дека во штипското вемере постои силна струја против Захариев. Таа струја се противи на евентуално давање нова кандидатура на Илчо за нов градоначалнички мандат. За да му се „потсечат премногу раширените крила“ групата која е против Захариев, а која е исклучително моќна, решила Ивановски да биде отстранет од претседател на Општинскиот комитет.

Но, останува да се види како понатаму ќе се одвиваат работите во штипската организација на ВМРО ДПМНЕ, посебно во време и услови кога се назираат новите локални избори.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе