Штипјанец избегнал три обиди за убиство и останал покус за 1 милион долари

Штип, 18.08.2017

Се вика Роберт Ефремов. Има 68 години. Живее во Штип, во населбата Дузлак. Тврди дека над него биле извршени три обиди за убиство, и дека некој му „здиплил“ еден милон долари. Парите ги добил од Роуз, мајката на славните браќа Кенедиеви!

Роберт не побара за да ја раскаже својата приказна. Рече дека не сакал една голема човечка драма да ја однесе со себе на другиот свет. Па кој верува-верува, кој не верува – во ред е и тоа.

Еве ја приказнaта на Роберт Ефремов со крстено име Ефрем Мишев.

-Во 1973 година заминав на работа во Швајцарија. Се стационирав во градот Берн, каде во строгиот центар најдов работа во познат ресторан. Истата година, во месец август, кај мене на работа дојде млад студент од Белград. Директорот на рестранот ми рече да му помогнам да се снајде во работата и животот. Но, кога дознав дека тој бил студент на политички науки во Белград, дека живеел со децата на вработени во југословенската амбасада во Швајцарија за кои знев дека се вработени во КОС, на директорот му реков дека нема да му помогнам и нема да ми биде пријател. Образложив дека јас во политичките науки кои се изучуваа во Југославија не верувам….

По одбивањето да му помогнам на студентот, една вече додека спиев сериозно ми се слоши. Ме пренесоа во болница, за подоцна да ми кажат дека под мојот кревет била најдена кутија од која излегувале отровни гасови. На улица и граѓани со очи ми сигнализираа дека има нешто под мојот кревет, тие не смееја отворено да зборуваат за тоа. Тоа не беа обични граѓани туку полицајци. Тоа беше првиот обид да бидам убиен зашто не сум сакал да помогна на студент кој беше поврзан со КОС. Успеав да се извлечам зашто од таков гас може да се полуди или да се умре.

Вториот обид се случи во Штип, во 1985 година.

Таа година се разболев, отидов во болница на нервно одделение, зашто патев од несоница. Таа моја болка беше причина да не создадам семејство. Но, во болницата еден доктор и сестра, откако ме примија, ме испрскаа со некаков спреј. Веднаш ми се слоши. Во собата во која лежев имаше цевки на ѕидот, од една од нив истекуваа некакви гасови, веднаш излегов надвор барајќи помош, болничарите со сила сакаат да ме вратат назад и јас се степав со едниот од нив. Дојде доктор Борче Нушевски, им рече на болничарите да си одат, да мепуштат и така тој ме спаси. И тој обид да бидам убиен беше по наредба на Белград, зашто србите доминираа во Југославија и не ги сакаа оние кои не сакаа да помогнат на нив ни луѓе. Не ми го беа заборавиле случајот со стуентот од Белград.

Третиот обид за убиство се случи во независна Македонија, во 2001 година. Пак не ми беше добро здравјето, одам кај д-р Нушевски, викам да полежам малку, да ме видат оти не ми е добро, а тој со мимики ми кажува да си одам од болницата. Останав да лежа, утредента на визита дојде доктор со сестра, сестрата вели на Роберт никакви лекови да не му се даваат. Уште рече дека мојата јетра била во лоша состојба и дека лековите можеле да ме убијат. А јас немав никакви проблеми со тој орган.Целта им беше да се разболам, да почнам да викам, да правам неред, па да ме ставт во самица што и го направија. Самицата беше веднаш до собрата на психологот во која соба имаше поставено аларм кој без прекин зуеше од 22 до 04 часот. Тие мислеа дека алармот ќе ме полуди, но јас земав дијазепам и лексилиум и спиев како бебе…По неколку дена доктор Нушевски ми даде лекарства за спиење по што си заминав дома.

Што се однесува за парите од еден милион долари мојата приказна е следнава.

Во 1974 година веќе си го бев сменил името во Роберт. Се прекрстив во Роберт во знак на почит кон Роберт Кенеди кој беше убиен во 1968 година. За таа работа пишуваа некои медиуми во Швајцарија, а по некакви канали веста стигнала и до Роуз Кенеди, мајката не Кенедиеви. Да бидам искрен, по тој чин напишав писмо до Едвард Кенеди со молба ако можат да ми помогнат финансиски да си купам стан. Кратко време откако Роуз дознала за настанот, газдарица на хотел во Берн ми вели: „Роберт ти си станал милионер, имаш милион долари на сметка“. Истото ми го кажа и службеник на КОС со кого се познавав.

Тогаш не успеав да си ги видам тие пари. Но, во 1977 година бев на клиника во Скопје. Жена-психијатер ми го кажува истото: дека сум имал многу пари во банка, дека сум можел да се лекувам во било која светски позната болница. Но, јас од пари не видов ниту долар. Некој ми ги „здиплил“, дали тоа бил КОС или некој друг не можам да кажам. А и немаше каде да прашам зашто Роуз почина, а парите ги изеде мракот.

Си се вратив во Штип зашто во Швајцарија мене и на голем број луѓе не ни дадоа азил. Сега живеам од семејна пензија од 10.000 денари и уште 3.000 денари за издршка, во куќа со мојата мајка…Задоволен сум што останав жив но сеуште ме мачи каде отидоа и кој си ги присвои моите милион долазри…

(Ова е приказната на Роберт Ефремов од Штип. Ова е првата приказна од и за луѓето од едицијата „Читај и уживај, ако сакаш – верувај“. Оваа едиција ќе ја практикуваме кога ќе наидеме на вака интересни луѓе со толку интересни биографии спремни своите доживувања да ги споделат со јавноста).

 

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе