Штип- Виница, изложба на слики од жени уметнички

Штип, 06.03.2018

Штип утре ќе сведочи за еден посебен уметнички настан по повод Меѓународниот ден на жената. Во Домот на култура „Ацо Шопов“ во 19 часот, ќе биде отворена изложбата на жени уметнички од Штип и Виница кои се бават со сликарство.

Со вкупно 27 дела пред рафинираната штипска публика со по три слики ќе се претстават девет уметнички: Лена Ѓуриќ, Нада Крум Накова, Голуба Хилјадникова, Буба Донска и Сара Петров од Штип и Гордана Вренцоска, Катица Алексова, Маријана Иванова и Благица Стојановска од здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница. Со свој мини есеј на женска тема, а под наслов „Арт-по“ ќе се претстави и поетесата Марија Емилија Кукубајска.

Изложбата е во организација на Центарот за култура „Ацо Шопов“ и комисијата за култура при Советот на Општина Штип. Нејзин покровител е градоначалникот на Штип Благој Бочварски, а на истата ќе присуствува и виничкиот градоначалник Ивица Димитров.

-Оваа изложба е почеток на поинтензивна културна соработка на регионален принцип во Источниот регион. Во погодно време изложбата ќе се пресели во Виница, а потоа и во некои од другите градови во регионот, вели Трајче Кацаров од НУЦК „Ацо Шопов“-Штип.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе