ШТИП: ВМРО ДПМНЕ обвинува, Техноинвест се заканува со суд

Штип, 16.02.2019

Опозициската ВМРО ДПМНЕ, преку советникот Горан Карашов, ги обвини штипските фирми „Пелагонија инженеринг“ и „Техноинвест“ дека незаконски изведуваат градежни работи во централното градско подрачје.

Еве што кажа советникот Карашов:

-Се наоѓаме на местото на кое непознат инвеститор почнува да гради зграда, на имот кој неодамна од страна на компаниите Пелагонија Инжинеринг и Техноинвест беше купен од општина Штип. Како што може да се забележи, парцелата не е оградена, дрвјата се исечени, а веќе се изведуваат и градежни активности.
Поради тоа што општината е надлежна за давање градежна дозвола и утврдување на недостатоците при градба, повикуваме да ја информира јавноста: Кој е носител на правото на градење? Кој е изведувач на градбата? Зошто не се постапува согласно чл. 83 од Законот за градба и на градилиштето не е поставена ограда и информативна табла со информации за инвеститорот и изведувачот? И дали е издадена дозвола за зафаќање на сообраќајна површина од страна на МВР?
Доколку јавноста не добие одговор на поставените прашања,ВМРО-ДПМНЕ ќе ја открие и обелодени вистината но и ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител,како и пријава до Државната комисија  за спречување на корупцијата,кои треба да испитаат дали бесправно се гради објект во центарот на Штип и дали некој ја користи власта за личен интерес.

Ургентно уследи деман од страна на фирмата “Техноинвест“.

-Од страна на О.К. ВМРО ДПМНЕ на пресот беше изнесено дека фирмите „Пелагонија Инжинеринг“ и „Техноинвест“ „Почнуваат да градат зграда на земјиште кое неодамна било купено од Општина Штип“.

Имено фирмата Техноинвест на посочената градежна парцела ниту е сопственик ниту изведува било какви градежни работи.

Имајќи ги во предвид погоренаведените факти, а со оглед дека од страна на Горан Каршов се изнесени клевети во согласност со член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреди и клевета да во рок од 48 часа до средствата за јавно информирање каде е објавен овој прес јавно да се извини и да го повлече изнесеното во пресот објавен на 16.02.2019 гофина. Во спротивно доколку тоа не го сторите до Основен суд Штип, против Горан Карашов ќе биде поднесена тужба согласно член 20 од истиот закон за утврдување на граѓанска одговорност за изречените клевети на Вашиот прес од 16.02.2019 год.

Поради информирање на јавноста истата ја известуваме дека фирмата „Пелагонија Инжинеринг“ има купено градежно земјиште од приватни физички лица за што постојат и купопродажни договори. Во рамките на таа урбанистичка парцела е предвидено изградба на станбена зграда согласно ДУП донесен на 24.09.2014 година.

Во монментот на веќе оградената парцела се вршат геомеханички истражни работи кои претходат на сите други постапки.Со ваквите активности во ниеден момент не е нарушен претходно воспоставениот сообраќаен режим на ул. В. Доганџиски. Повикуваме во иднина да се престане со изнесување на вакви неосновани клевети, сопштија од Техноинвест.

Со свој став се јави и Општина Штип која е спомната на пресот на ВМРО ДПМНЕ:

-Опозициската партија за време на 10 годишното владеење, работеше на се, единствено не во интерес на граѓаните. Криминалите во Штип и во цела Македонија, за кои постојат сериозни докази и факти, се добро познати на целата јавност.Против голем дел од сегашното и претходното раководство на ДПМНЕ се водат судски постапки за прекршување на ингеренциите и непочитување на законите.

Општина Штип работи по законите пропишани со Уставот на нашата држава и нема да дозволи криминал и беззаконие, како што тоа беше во изминатите 8 години, кога ВМРО-ДПМНЕ беше локална власт.

Во споменатиот случај се работи за урбанистичка парцела која приватен инвеститор ја купил од физички лица со површина од 396 метри квадратни за што општината нема никаква надлежност. Согласно ДУП донесен во 2014 година (кога на власт бил ВМРО-ДПМНЕ) е извршено дооформувње на истата урбанистичка парцела со 57 метри квадратни. Оваа површина може да биде дооформена единствено на сопственикот на останатото земјиште, согласно законот за градежно земјиште.

Апелираме до ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип да престане да шири дезинформции кои го нарушуваат угледот на Општина Штип, во спротивно ќе бидеме приморани сите овие дезинформации да ги демантираме во судска постапка, соопштија од општината.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе