Штип вспоставува потесна врска со штипјани во странство

Штип, 06.06.2018

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, и министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, на деншната средба во Штип раговараа за прашањата во однос на иселениците од Штип и општината.  Бочварски и министерот Адеми потпишаа договор за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Македонија и Општина Штип.

Главна цел е преку потпишувањето на овој договор да се овозможи отворање Канцеларија за соработка со дијаспората. Оваа Канцеларија ќе ги врши работите кои се однесуваат на административно-технички работи за грижа на иселениците, односно истата ќе треба да одржува комуникација со дијаспората со потекло од општина Штип, да ја информира дијаспората по однос на одредени прашања, како и да асистира во зголемување на ефикасноста при комплетирање на административни постапки и решавање на административни проблеми од различен карактер со кои се соочуваат претставниците на дијаспората, како на пример: вадење лични документи, постапки во областа на трудот и социјалната заштита, информирање за одредени закони или промени во законските решенија, информирање за можностите за инвестирање, како и информирање за конкретни културни настани кои би биле од интерес за граѓаните од дијаспората кои престојуваат во соодветната општина.

 „Правиме крупен исчекор во насока на подобрување на условите за сите наши граѓани коишто живеат надвор од Република Македонија. Сакаме да придонесеме да имаат побрзи и подобри услуги во моментот кога тие граѓани ќе се вратат овде, во Република Македонија,“ изјави градоначалникот Бочварски.

 „Денеска со градоначалникот Бочварски потпишавме прв ваков договор за соработка во областа на дијаспората. Драго ми е што таа идеја која ја почнавме денеска можеме да ја ставиме во правна рамка и верувам дека многу скоро таа канцеларија ќе биде целосно во функција на сите оние наши граѓани кои живеат и работат во дијаспора, а на лето веројатно ќе дојдат во Штип и околината и ќе можат тие неколку дена додека се тука да се посветат повеќе на семејствата, а помалку на бирократијата,“  министерот Адеми.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе