ШТИП: Дали Македонци ќе се пишат албанци за да се вработат, и дали ВМРО ДПМНЕ глуми лудило

Штип, 16.12.2019

Штипското ВМРО ДПМНЕ денес ја обвини владеачката СДСМ-Општинска организација Штип дека за две години ја преполнило општинската администрација со над 620 нови вработувања. Но, тоа и не е најголемото обвинувањње кое опозиционерите го адресираа на владеачката коалиција.

-На 6 Декември е распишан оглас за вработување во Управата за јавни  приходи, а во дирекцијата  Штип е предвидено да се вработат 6 службеници.Но на разочарување на Штипјани, ако сакаат да конкурираат на овој оглас треба по националност да се Албанци. Да, Албанци бидејќи за сите 6 работни места пишува дека работното место е предвидено за Албанец.

Се сомневаме дека СДС на срамен начин ќе продолжи со злоупотреба на таканаречената позитивна дискриминација, мерка која постои со цел да доведе до правична зacтапеност на помалите eтнички заедници во институциите и ќе ги задолжи своите членови да се изјаснат дека по националност се Албанци за да можат да бидат  вработени, соопштина од ВМРО ДПМНЕ.

На одговор не се чекаше многу. Час-два по пресот на ВМРО ДПМНЕ кој го водеше Трајче Здравков, секретар на Општинскиот комитет, со реакција на кажаното се јавија од ОО на СДСМ.

-ВМРО-ДПМНЕ е партијата која целосно ја партизираше и ја депрофесионализираше администрацијата со нивни партиски необучени, неспособни пајташи. Сѐ уште се свежи сеќавањата на апсурдните огласи за вработување, кои беа толку наместени, што во критериумите недостасуваше само фотографија од партискиот член на ВМРО-ДПМНЕ за кој е наменет огласот.

Но, заврши времето на вмроизирање и партизирање на институциите. Денес вработувањата се нормални и редовни процеси кои во сите институции се спроведуваат според критериуми на квалитет, компетенции и позитивни законски прописи, рекоа штипските социјалдемократи.

Тие го обвинија вмровци дека глумат лудило.

-Во ВМРО-ДПМНЕ или не знаат, или намерно глумат лудило и се прават дека не знаат дека во дирекцијата на УЈП во Штип во периодот откако СДСМ е на власт нема спроведено ниту едно вработување. Во ВМРО-ДПМНЕ или не знаат, или намерно глумат лудило и се прават дека не знаат дека постојат закони за правична застапеност на помалите етнички заедници, закони за кои нивните пратеници гласаа.

Во ВМРО-ДПМНЕ или не знаат, или намерно глумат лудило и се прават дека не знаат дека регионалната дирекција во Штип има надлежност на целиот источен регион од нашата земја, вклучително и Куманово, рекоа од СДСМ.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе