ШТИП: Започна тестирањето на филтер станицата за преработка на водата од ХС „Злетовица“, на настанот присутвуваше и премиерот Заев

Штип, 15.09.2021

Денес во Штип на свеченост на која присуствуваше и говореше и премиерот Зоран Заев, започна тестирањето на делот од филтер станицата која ќе ја преработува водата од регионалниот хидросистем „Злетовица“.

-Денес отворама ново поглевје во подобрувањето на квалитетот на живототот на нашите штипјани со почетокот на тест периодот на новата филтер станица со ултра филтрација на водата. Со овој чин го одбележуваме и почетокот на користењето на водата за пиење од Хидро-системот „Злетовица“, систем изграден со помош на Владата на Јапонија и Јапонската агенција за меѓународна соработка. Ја користам можноста, од мое лично име и во име на моите штипјани, да изразам благодарност до јапонскиот народ и Владата на Јапонија за поддршката која ја дадоа за изградбата на хидро-системот, рече во пригодното обраќање градоначалникот на Штип д-р Сашко Николов.

Според Николов, правото за пристап до доволни количества чиста и здрава вода за пиење е едно од гарантираните човекови права, наведени во Повелбата на Обединетите Нации и е основа за постигнување достоинствен живот. Пристапот до чиста и здрава вода за пиење е важно и за остварување и на други права, какви се правото на здрав живот и соодветен стандард за нормален живот.

НИКОЛОВ:  Правото за пристап до доволни количества чиста и здрава вода за пиење е едно од гарантираните човекови права, наведени во Повелбата на Обединетите Нации и е основа за постигнување достоинствен живот.

-Преку цевководот од хидросистемот до Штип можат да се спроведуваат над 400 литри чиста планинска вода во секунда, а капацитетот на новата станица за ултра-филтрација е 300 литри вода во секунда. Тоа е капацитет доволен да ги задоволи сегашните потреби на Штип за вода и во најкритичните периоди. Објектот и опремата за новата станица за ултра-филтрација се набавени со одобрени 3,6 милиони евра неповратна финансиска помош, средства добиени од Владата на Република Северна Македонија преку ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и управата за водостопанство, за што на Владата и претседателот на владата, г-динот Зоран Заев, како и на ресорните министри им изразувам огромна благодарност. Со пуштањето во редовна употреба на станицата за ултра-филтрација општина Штип ќе ја има најголемата станица од ваков тип во државата и од соседните земји, нагласи градоначалникот Николов.

Тој укажа на фактот дека почетокот на користење вода за пиење од ХС „Злетовица“ не значи дека системот од кој Штип до сега се снабдуваше со вода за пиење ќе биде напуштен. Напротив. Според градоначалникот истиот ќе биде одржуван за во случај на потреба да служи како резервен систем за водоснабдување. Со ваквиот одговорен пристап, нашите сограѓани можат да бидат сигурни дека во секој момент и за догледно време на располагање ќе имаат доволни количества вода за пиење.

На настанот присуствуваа и заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија Хиронори Савада, амбасадор на Република Словенија во нашата држава Милан Предан, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, главниот претставник на канцеларијата на Јапонската Агенција за меѓународна соработка „Џајка“-Џиро Такеичи и други.

Изградбата на ХС „Злетовица“ како регионален хидросистем со кој се обезбедува вода за пиење во наредните најмалку 30 години за шест општини – Пробиштип, Штип, Карбинци, Свети Николе, Лозово и Кратово започна во 2005 година, а хидросистемот беше завршен во 2010 година. Сепак, до овој момент водата од овој систем ја користат само Пробиштип и Свети Николе. Општина Штип работеше на изградба на филтер станица за квалитетно прифаќање и преработка на водата со ултра филтрација додека Општина Карбинци изгради нова филтер станица која ќе ги задоволи потребите на тамошното население.

Според Миле Илиевски, директор на ХС „Злетовица“ од браната „Кнежево“ кон општините ќе протекуваат онолку литри вода во секунда колку што филтер станиците можат да прифатат и преработат. Засега е познато дека Штип ќе добива 300 литри, Свети Николе и Пробиштип по 100 литри, Карбинци-40 и Лозово 30 литри вода во секунда. Кратово со години користи вода од „Злетовица“ од независен систем кој е над браната „Кнежево“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе