ШТИП: Игла, симбол на штипскиот текстил, Кипот на слободата и споменик на жената на Исарот

Штип, 14.10.2019

Општина Штип заедно со организацијата „Гласен текстилец“ во населбата Осми Ноември постави обележје „Игла“ во знак на поддршка на сите вработени во текстилниот сектор. Од општината објавија дека ова обележје ќе сведочи за социо – економскиот дијалог кој се води  и борбата за подобар живот на граѓаните, за тоа дека Штип е најпознатиот текстилен град во државата.

-Обележјето „Игла“ има за цел да го претстави текстилот како гранка на која почива општина Штип, исто така да го претстави гласот на текстилните работници и работнички кои даваат голем придонес во развојот и економскиот раст на градот и државата, објавија од општината.

Јас тука би сакал да додадам неколку значајни одредници за Штип, текстилот во него, жената текстилна работничка и значењето на ПИ „Македонка“ (подоцна ТК „Македонка“ во целата оваа приказна.

Треба да се знае дека текстичната индустрија во градот има 67 годишна историја. Всушноаст, историјата на развојот на текстилот во градот започнува со 2 мај 1952 година. За тој факт до пред некоја година  сведочеше малата плоча поставена на некогашната управна зграда на некогашната Памучна индустрија „Македонка“. На бакарната плоча беше напишано:

„На 2 мај 1952 година Памучната индустрија „Македонка“ беше предадена на управување на работниците“!

Се што беше „Македонка“, фабрика за базно текстилно производство и гигант во југословенската текстилна индустрија, со 5.850 вработени во 1983 година (судбоносна за Штип зашто тогаш се судрија градските и селските старешини во битка кој да ја води оштината, а со тоа и најголемите фирми во градот) е историја која никој не ја запишал во книга. А треба.

slobodaОд „Македонка“ настанаа десеттина дисплоцирани погони како „Фротирка“ и „Партизанка“ Делчево, „Алкалоид“-Берово, Протекс-Пробиштип, Кратовчанка -Кратово, „Виничанка“-Виница, конфекцијата во Македонски Брод, килимарата во Македонска Каменица, и секако подоцнежнио моден гигант „Астибо“.Така што епицентар на развојот на индустријата за текстил во регионот се вика – „Македонка“-Штип, а предилските машини беа првите кои дадоа текстилно производство.

Подоцна, со распадот на Југославија „Македонка“ се распарчи, „Астибо“, на наша среќа, беше купен на делови (погони) од луѓе кои работеа во тој сектор, па сега во градот имаме околу 70 конфекции со над 7.000 вработени во нив, од кои околу 2.000 се во странската инвестиција „Џонсон Контролс“.

Ова само колку кусо потсетување на развојот на индустријата за текстил во градот и регионот и потсетување дека на жената работничка која била доминантна во Штипското стопанство и која социјално го спаси градот во ова време на капитализам, треба да и се подигне монументален споменик.

И то не било каде туку на – Исарот. Како кипот на слободата во Њујорк висок 93 метри.

А дека и помали места можат да си го дозволат ова зборува примерот од мало место во индиската провинција Гуџарат каде на индискиот херој за независност Сардар Валабхаи Пателае лани му е подигната статуа со огромни димензии. Оваа статуа е висока 182 метри и е највисока и најголема во светот.

Кај нас кипот на жената која социјално-економски прво го одржа, а потоа, во времето на првобитниот капитализам и го спаси Штип може да и се подигне споменик на Исарот со соодветни димензии.

Тоа, според мене, би било вистинска почит кон жената и трудот како основа на се друго.

Иван Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе