ШТИП: Карго аеродромот не се изгради, ќе се офајдат ли општините од Источниот регион?

Штип, 18.05.2020

Карго аеродромот кај овчеполските села Мустафино и Ерџелија и штипските села Врсаково и Три Чешми кој требаше да почне да се гради во 2009 година, нема да го биде. Поради тоа нашата Влада до турскиот инвеститор ТАВ доставила предлог-нацрт договорот со со кој на ТАВ му се предлага средствата од 50 милиони евра кои беа предвидени за изградба на овој аеродром да се употребат за изградба на инфраструктурни објекти во општините главно од Источниот регион. Во прашање се водоводи, канализации, градинаки…

Денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски беше на местото на кое требаше да го има карго аеродромот. Тој ја објави веста за предлог нацрт договорот испратен до ТАВ. Познато е дека Општина Штип очекува околу два милиони евра од овие средства за реализација на десет години најавуваниот проект за изградба на водоводната линија два со која ќе се обезбеди вода за бањско лечилишниот комплекс Ќежовица и ќе се обезбеди вода за зоната за лесна, незагадувачка индустрија покрај патот Штипш-Радовиш, за водоснабдување на викенд населбата Плуждино, за населбата Три Чешми и индустриската зона во нејзина близина. Од овие пари општина Свети Николе очекува 800.000 евра за свои инфраструктурни проекти.

Карго аеродромот ТАВ како идеја беше промовиран во 2009 година од тогашниот премир Никола Груевски. За таа потреба од индивудуалните земјоделци и од некогашниот ЗИК Овче Поле беа откупени 400 хектари најплодно земјиште кое беше најголемата производна нива за сточна храна во државата. Откако престана обработката на овие ниви во Македонија драстично се намали сточниот фонд. На земјоделците кои ги продадоа своите ниви кои беа под системот за наводнувањње „Брегалница“ им беше платена троструко повисока цена од нормалната. Тогаш се говореше дека Груевски знаел дека аеродромот нема да се гради и дека со овој потег само сакал да ги купи гласовите на земјоделците од тој крај.

Подоцна се јави потребата од метеоролошки интервенции, односно од мерење на струењето на ветерот во подрачјето на кое требаше да се гради аеродромот. Две години потоа, во 2011 година, откако се јави првиот сомннеж дека карго аеродром нема да има зашто на никого не му е потребен, Владата на Груевски, под притисок на земјоделците од Врсаково, Три Чешми, Ерџелија и Мустафино им ги даде откупените ниви под закуп зашто проценката беше дека е глупаво толку квалитетно земјиште да стои обраснато во плевел и трње. Земјиштето го добија 66 земјоделски семејства.

Од тој ден поминаа девет години, а од карго аеродромот не биде ништо. Сегашниот чекор на Владата е добра основа оваа приказна да добие колку-толку среќен крај и општините да имаат некоја корист.

                                                                                                И.Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе