ШТИП: Корона вирусот предмет на пресметка на релација ВМРО ДПМНЕ – Клиничка болница

Штип, 29.02.2020

Како што и се очекуваше штипското ВМРО ДПМНЕ го искористи бегството од инфективното одделение при Клиничка болница на лицето кое беше под сомнение дека би можело да биде заболено од корона вирусот. Од опозициската партија истапија со изјава за јавноста со следнава содржина:

-Бегството во Штип само го докажува односот на Клиничката болница кон заболените од Корона вирусот. Иако цела недела не‘ уверуваа дека ситуацијата е под контрола и болницата располага со неопходните ресурси за заштита од опасната болест, сепак, вчера се докажа сосема спротивното. На сите ни стана јасно дека во карантинот или условите се толку ужасни, што пациентите не можеле да ги издржат, или дека карантинот е до тој степен необезбеден, при што кој сака може да влегува и излегува од него. Згора на тоа, со оглед на сензитивноста на корона вирусот, јавноста се‘ уште нема информација дали и со колку луѓе биле во контакт посочените лица и ризикот за граѓаните поради оваа состојба, рече советникот Љубе Здравков и продолжи:

-Оваа власт не‘ остави на цедило со опасни и заразни болести. Нема месец без скандалозни решенија, случки или состојби во Клиничката болница. Источниот регион е на милост и немилост во рацете на СДС. Министерството за здравство и раководството на Клиничката болница се должни уште веднаш да излезат пред граѓаните и да ја кажат вистината, затоа што овој случај уште толку го крена алармот и паниката кај јавноста.

Директорот на Клиничка болница Штип, д-р Ален Ѓеоргијев, на прес конференција жестоко им возврати на штипските вмровци:

-Во врска со случајот од инфективното одделение од вчера, и Министерството за здравство и јас како директор на Клиничка болница Штип ја информираме јавноста дека пациентот е негативен на корона вирусот, а во текот на денот тој ќе ја напушти болницата. Очекуваме дека ВМРО ДПМНЕ барем еднаш ќе се надминат себеси и ќе помогнат со некој корисен совет или препорака. Скандалозните случки во КБ за кои тие зборуваат беше главна одлика во годините на нивното владеење, рече директорот Ѓеоргијев.

Тој се осврна на констатацијата на опозициската партија дека пациентите не издржале во карантинот поради ужасните услови во него.

-Тоа е нешто кое не заслужува коментар, порача директорот и додаде: граѓаните, пациентите и персоналот многу добро знаат кој 11 години не направи ништо вредно во болницата и истата ја остави во ужасна состојба. Денес Клиничката болница има персонал со повисоки плати, има нова опрема речиси на секој оддел, има и две нови возила за транспорт на болни, квалитетна исхрана, топли соби во целата грејна сезона, а има и зголеме број на прегледи, интервенции и операции, рече директорот д-р Ален Ѓорѓијев.

Тој порача дека Клиничка болница, нејзиниот персона, раководството ќе останат чувари на здравјето на целиот Источен регион.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе