ШТИП, КОЧАНИ, ДЕЛЧЕВО: Убаво одбелеување на светската Недела на детето

Штип, 02.10.2018

 Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски по повод Светската недела на детето ги посети двете детски градинки во општина Штип, детската градинка „Астибо“ и детската градинка „Вера Циривири Трена“ каде во име на Општина Штип донираше поклони. Во детската градинка „Астибо“ се донираше аквариум,  додека во детската градинка „Вера Циривири Трена“ спортски реквизити за игра и забава на најмалите.

            „По повод Светската недела на детето денеска имам можност да ги посетам двете детски градинки во Штип. Во детската градинка „Астибо“  бев присутен на една убава претстава од дечињата со што посакувајќи им ја неделата на детето и тековната година успешна подаривме во име на Општина Штип еден аквариум којшто беше барање на детската градинка „Астибо“ и на дечињата.

Во градинката „Вера Циривири Трена“ подаривме реквизити за играње на децата.Тие побараа локалната власт да изгради нова детска градинка и да се подобрат условите во градот со спортски реквизити и реквизити за забава на дечињата, а ние си ја превземаме таа обврска“, истакна градоначалникот Бочварски. Општина Штип и во иднина ќе продолжи да се грижи за најмалите, преку подобрување на условите за нивно растење и развивање.

Во Кочани, библиотеката „Искра“ започна со реализација на програмите „Јас ги познавам своите права“ и „Книгата патува во домот на секое дете“.

Учесници во програмите се децата од големите групи од Детската градинка „Павлина Велјанова“ , а целта е да се афирмираат детските права и да се јакне свеста кај децата за правото на образование, слободно изразување и активно вклучување во креирањето во културниот живот во заедницата.

– Со програмата „Книгата патува во домот на секое дете“, сакаме да ги поттикнуваме децата дел од своето слободно време да го минуваат во читање книга и раскажување со своите родители и блиски, соопшти Магдалена Кочовска Салтирова, библиотекарка во „Искра“.

Во рамките на оваа програма ќе се реализираат и пет едукативно-креативни работилници и изложба на детски цртежи изработени според импресии од прочитаните дела.

Неделата на детето  Општина Кочани ја одбележува и со „Писателски караван“ – средби и разговори на учениците од литературните секции со писателите Горјан Петревски и Ванчо Полазаревски, а в четврток ќе биде промовиран и вториот дел од романот „Марта“ на Горјан Петревски.

По повод Неделата на детето, Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани ја прикажува театарската претстава за деца „Во чекор со малиот принц“ во режија на Перо Даниловски.

Детската градинка „Весели цветови“ од Делчево  ќе биде домаќин на традиционалните регионални спортски игри „Игри без граници“ кои ќе се одржат в петок на 5 октомври, во спортската сала на СОУ „М.М.Брицо“ со почеток во 10.30 ч. Детските спортски натпревари се одржуваат традиционално во првата недела на октомври по повод одбележувањето на Светската недела на детето посветена на детските права.

Како што информираше директорката на детската градинка, Билјана Симовска, на спортските игри ќе учествуваат дечиња на возраст од 5 години од градинките од Пробиштип, Штип, Свети Николе, Кочани, Чешиново Облешево, Виница, Македонска Каменица, Берово, Пехчево и Делчево.

–  Целта на овие спортски игри „Игри без граница“ е преку игра и другарување да се создава љубовта кон спортот, но и да се придонесе кон правилен психофизички развој кај децата уште од најмала возраст, но и да се поттикне натпреварувачкиот дух кај најмладите, рече Симовска.

Дечињата ќе се натпреваруваат во пет игри: игри во парови со дрвени палки и топче, тркалање топка со препрека, скокање во вреќа- штафетна игра, игри во парови со обрачи и влечење јаже. За најдобрите екипи се обезбедени пехари и награди.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе