ШТИП: Музичкото училиште си ја врати и втората паралелка

Штип, 06.08.2018

Штипскиот државен училишен центар „Серѓеј Михајлов“, по подолго време, си ја врати и втората паралелка во првата година од средното музичко училиште. За некои неочекувано, за други како плод на новата филозофија на училиштето, наместо максимум 34 деца колку се запишувале во почетната година до лани, годинава таа бројка се искачила на 60 деца.

М-р Горан Кавраков, директор
М-р Горан Кавраков, директор

Во училиштето владее задоволство од интересот на родителите и децата да учат кај нив. Тој факт ја намалува психолошката напнатост кај дел од наставниците кои живееја во страв дека можат да останат без работа ако нема доволно ученици.

„Mинатата година во двете паралелки немало доволен број деца поради што за годинава МОН ни ја беше укинал едната паралелка. Но ние со низа активности успеавме да допреме до децата и нивните родители па годинава имаме 60 пријавени деца за прва година во средното музичко училиште“, вели директорот Горан Кавраков.

Со низа нови активности, според Кавраков, училиштето успеало на инвентивен начин да ги презентира своите можности и на стотици таленирани за музика деца и на нивните родители да им порача зашто е добро да се учи во ДМУЦ „Серѓеј Михајлов“. Со концерти за публиката, со отворениот ден на плоштадот „Слобода“, со рандевуто – настани кои беа мошне посетени, граѓаните и децата добиваа мал милион информации за перформансите на училиштето, па резултатот е тука.

Но, училишната управа се соочи со големиот проблем.

„Ние имавме дозвола за само една паралелка со 34 ученици, па остана отворено прашањето што ќе биде со останатите 26 ученици кои се запишаа. Бевме упорни пред МОН, тука голема поддршка и помош имавме од Петар Атансов, заменик министер за образовани, од градоначалникот Благој Бочварски, пратеничката од СДСМ Славица Шуманска-Митева, а кај премиерот Зоран Заев се јавиле и родители од Струмица чии деца сакаа да учат кај нас. Успеавме да се избориме за втората паралелка и на тој начин сите кои сакаа да учат кај нас ја добија таа можност“, појаснува Кавраков.

Со радосната вест се запознаени сите родители, а нивните дечиња со големо нетрпение го чекаат 3-ти септември и стартот на новата учебна година.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе