ШТИП на 16 овој месец ќе добие спомен обележје „Магичен конец“ во знак на борбата за правата на текстилните работнички

Штип, 05.10.2020

На 16 овој месец Штип ќе добие ново спомен обележје во знак на борбата за правата на текстилните работнички. Спомен обележјето „магичен конец“ ќе биде лоцирано во Кр теќе, каде веќе има поголем број споменици и спомен обележја. Автор на споменикот е Aндреј Митевски, вајар од Скопје.

Вредноста на спомен обележјето е 3.500 евра, а парите се обезбедени од шведската фондација која го носи името на поранешниот шведски премиер Олав Палме.

Денес оваа иницијатива на Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен тектилец“ ја прифати Комисијата за култура при Советот на Општина Штип.  На седницата на Комисијата беше речено дека во Штип има 70 спомен обележја кои се во надлежност на општината.

Комисијата уште заклучи дека текстилната индустрија е знакот по кој Штип со децении наназад се препознава во нашата држава и на еден поширок простор, и дека жената-текстилна работничка во годините на нашата самостојност дава најголем придонес за социјалната сигурност на семејството, а текстилниот сектор  најмногу од сите други гранки го полни општинскиот буџет.

Се очекува на 16 овој месец кога во Штип ќе се одржи текстилијадата, спомен обележјето да го открие претседателот на државата Стево Пендаровски, а се очекува на настанот да присуствува и поголем дел од државното раководство.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе