ШТИП: Нова можност за легализација на дивоградбите

Штип, 09.01.2018

Штип дава нова можнст за легализација на бесправно изградените објекти на подрачјето, меѓу граѓаните попознати како дивоградби на општината.

Таа можносте обезбедена со Закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Согласно овој закон од 03 јануари годинава стапени се на сила последните измени во постапката за утврдување правен статус на бесправни објекти. Измените се однесуваат на продолжување на одредени рокови за дополнување на веќе поднесените барања и предвидуваат нови рокови за поднесување нови барања.

Општинската администрација ја информира јавноста дека имателите на бесправни објекти, на кои објекти заклучно со 3 март 2011 година се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина, можат да поднесат барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од 03.01.2018 година до 31 декември 2018 година.

Барателите на кои до денот на започнувањето на примената на овој закон им било одбиено барањето поради некомплетна документација можат да поднесат ново барање за утврдување на правен статус на бесправен објект најдоцна до 03.06.2018 година.

Барателите кои немаат доставено геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект, а имаат поднесено барања во рокот од 19.12.2015 година до 31.03.2016 година, можат да достават геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект најдоцна до 30 јуни 2018 година. Барателите кои во овој рок нема да ја достават потребната документација, надлежниот орган ќе им го одбие барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект.

При поднесувањето на барањето, Општина Штип апелира истото да е комплетно, односно да ги содржи сите потребни докази, и тоа: геодетски елаборат, сметка за струја, вода (пред 03.03.2011 година) или изјава дадена кај нотар дека објектот е изграден и функционален пред 03.03.2011 година, копија од лична карта или извод од Централен регистар и доказ за платена административна такса во ведност од 300 денари.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе