ШТИП: Паркирањето како на виничкиот пазар, повеќе дара отколку масло

Штип, 09.01.2018

  • Oд наплата за паркин за само половина година во 2017 е инкасирана загуба од околу 6.000 евра. Проектот на екс градоначалникот Илчо Захариев се покажа тотално промашен….

Паркирањето во центарот на Штип кое го воведе поранешната локална власт, се одвивало како на познатиот Винички пазар-повеќе дара отколку масло. Во превод тоа значи работа со загуба од околу 6.000 евра и тоа само во првата половина од 2017 година.

Ваквото сознание зачинето со перманентниот сообраќаен хаос во централното градско подрачје, само го потврди фактот дека целта ни оддалеку не е постигната. Ниту општината заработила пари, ниту е решен сообраќајниот метеж. Така, и оваа „Илчова направија“ се покажа целосно погрешна, односно тотално промашена.

Кога е веќе така, тогаш се поставува прашањето зошто воопшто се воведе системот на наплата за паркирањето на автомобилите во најживото градско подрачје. Што корист виде градот од таа работа, ако на крајот, кога сé ќе се собере, одземе и подели ќе се појави негативен финансиски резултат. Настрана фактот дека Штип како град не создаде ни приближно квалитетни услови за регуларни паркинг места, зашто двете најфреквентни градски улици не се градени за такво нешто туку за непречено одвивање на сообраќајот.

Улиците како паркиралишта донесоа и еден друг голем проблем. Улицата која од зградата на општината води до мостот Брилијант и понагоре до влезот во некогашниот парк Суитлак, во времето од 13 – 13,45 часот кога родителите ги чекаат децата од училиштата станува речиси непроодна. А по неа мора да поминат и возилата на брзата медицинска помош од десеттина општини кои гравитираат кон Штип. Токму тие имаат најголема мака да стигнат до Клиничката болница, што може да има сериозни последици по луѓето кои по најбрз пат мора да бидат однесени до болницата. Иста е состојбата и во времето од 15-16 часот кога вработени од институции си одат дома.

И според сообраќајни стручњаци на Штип му е неопходно добро решение во однос на паркиралишта. Дали тоа ќе бидат згради или отворени локации кои ќе се уредат по сите стандарди, нема разлика. Важно е улиците да се ослободат за да си ја вршат својата намена за брз и безбеден проток на возилата и во најкритичните временски периоди. А општината пари може да собира само од современо уредени паркинг места кои нема да пречат во нормалното одвивање на сообраќајот и кои наместо загуба ќе создаваат профит.

Инаку, на штипјани одамна и стана јасно дека платениот пракинг беше измислен од Захариев за да се казнат вработени во локалната власт и јавните претпријатија кои беа од тогаш опозициската партија СДСМ но и да се казнат вмровски кадри кои наместо Захариев повеќе почит искажуваа кон Зоран Алексов, претходник на Захариев. Таквите беа вадени од канцелариите и поставувани за наплатувачи или контролори.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе