ШТИП: По плашењето со мигранти и милион африканци сега ВМРО ДПМНЕ ги плаши штипјани со корона вирусот

Штип, 25.02.2020

Корона вирусот не е пристигнат во Македонија, а кога и дали ќе пристигне не се знае. Како онаа во ТВ драмата од југословенско време „Џекна није умрла, а кад че не зна се“. Разбирливо, корона вирусот не се има најавено ниту во Штип, ама од локалното вемере излегоа со бомбастично предупредување и совет како да сме се одбранеле од овој вирус.

Што изјавија од ВМРО ДПМНЕ:

Во соопштение до јавноста штипските опозиционери рекоа дека апсурдноста на оваа власт одела дотаму што го загрозувала и здравјето на граѓаните. Наместо рационално да се размислува, за да се спречи ширење на опасниот корона вирус, СДС понудил самоубиствено решение.

-Во град со 50.000 жители, каде секојдневно доаѓаат и заминуваат работници и ученици, во срцето на административниот центар на Источна Македонија, се предвидува карантин за корона! Оочигледно СДС си играат руски рулет со стотици илјади граѓани од овој регион, рекоа од ВМРО ДПМНЕ.

Тие ги повикаа надлежните од Клиничката болница да докажат со факти дали и колку се подготвени да примаат пациенти во таканаречен карантин.

Од Клинчка болница излегоа со смирувачки тон:

-Епидемијата на корона вирусот е сериозен глобален проблем. Ние како Клиничка болница – Штип ќе ги спроведеме сите мерки и задолженија кои ќе ги добиеме од страна на надлежните институции, а во врска со она што од нас како Болница зависи во смисла на простор, кадар и материјал ќе бидете и Вие и граѓаните информирани дополнително. Клиничка болница – Штип секогаш била и ќе биде чувар на здравјето на граѓаните.

Со одговор се јавија и од СДСМ:

Со денешниот низок и недостоинствен потег, ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип докажува дека тие се најопасниот вирус за вистината во нашата држава. Бескрупулозните вмровци се обидуваат да жнејат политички поени на сериозна тема и да креваат паника меѓу граѓаните. Ова неодговорно однесување од нивна страна не изненадува, но апелираме до сите граѓани да не потпаѓаат на бедните обиди за сеење страв, туку да се информираат од веродостојни извори, да бидат сензитивни и да не наседнуваат на лажни вести, како и да се придржуваат на препораките на СЗО и Министерство за здравство.

Сите граѓани да се придржуваат до мерките кои се дистрибуирани, во смисла на одржување лична хигиена која помага во спречување на ширење на оваа инфекција, како и на актуелниот грип, изјавија од партијата која ја има власта и во Штип..

Да не заборавиме дека во минатото Штип беше плашен од изградба на 5.000 станови за бегалци, па таа бројка тогашната власт, а сегашна опозиција ја намали на 5.000 лица, за пред некој ден пратеникот од оваа партија Димков да застраши со инвазија на Македонија не од марсовци туку од еден милион африканци, а сега, како елемент во политичката битка да се користи едно тешко заболување по кое научниците во мал милион светски лаборатории трагат по лек.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе