ШТИП: Професор д-р Трајче Стојанов од УГД избран за почесен професор на Социјално-педагошки институт во Москва

Штип, 26.10.2020

Проф. д-р Трајче Стојанов од Факултетот за образовни науки при УГД е избран за почесен професор на Социјално-педагошкиот институт во Москва. Социјално-педагошкиот институт е високообразовна институција во Москва која има преку 1.500 студенти во пет оддели. Во изминатите 20 години оваа образовна институција образовала преку 7.500 студенти кои денес се наоѓаат во образовниот систем на Русија. Научници од САД, Австрија, Германија, Бугарија се дел од овој институт.

Проф. д-р Трајче Стојанов од УГД е избран на последната седница на Академскиот совет како резултат на неговиот научен придонес во областа на руската философија, филозофијата на религии, политичката философија, естетиката и литературата. Проф. Стојанов е член на философските друштва во Македонија, Србија и Хрватска. На Универзитетот „Гоце Делчев“, на Факултетот за образовни науки е професор од областите философија на образование и етика во образованието.

„Изборот на познат научник за почесен професор на МСПИ е значаен настан во научните и едукативни активности на нашиот институт. Менаџментот на МСПИ изразува длабоко уверување дека соработката со проф. д-р Трајче Стојанов ќе придонесе не само за збогатување на македонската наука, туку и за духовно спознавање на философската мисла на студентите на нашиот институт, а воедно ќе даде огромен придонес во развојот на руско-македонските односи“, се вели во написот на веб-страницата на МСПИ.

Неодамна проф. Стојанов, во присуство на бројни академици, научници, амбасадори и видни личности, ја имаше својата промоција на книгата „Руска религиска философија“ во Македонската академија на науките и уметностите.

Проф. д-р Трајче Стојанов е и општествено ангажиран интелектуалец кој редовно јавно ги изнесува своите ставови во медиумите по различни општествено-политички теми. Тој е редовен колумнист во порталот Фактор, а пишува колумни и во руска Газета и други локални, регионални и национални медиуми.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе