ШТИП: Текстилните и чевларските фабрики нема да работат за време на карантинот

Штип, 04.06.2020

Со посебна уредба на Владата сите штипски текстилни и кожарски фабрики за време на карантинот кој започнува вечерва во 21 часот, а завршува во понеделник во 5 часот целосно ќе го запрат производството. Оваа уредба е донесена денеска, а ја презентираше градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски на денешната прес-конференција, откако синоќа реагираа работниците, невладината „Гласен Текстилец“ и тој до Владата, да се донесе посебна уредба за Штип.

– Главниот штаб при Владата го прифати барањето за забрана за работа, доставени од Општина Штип, а со ова се забранува издавање на дозволи за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија на подрачјето на Општина Штип, односно сите ќе бидат затворени. Со ова веќе официјално се забранува работа во текот на овој викенд за сите текстилни и кожарски компании, рече Бочварски.

Тој истакна дека за оваа одлука се информирани инспекторатите, а најстрого ќе бидат казнети сите кои ќе ги повикаат работниците на работа. Штипскиот градоначалник апелираше до граѓаните и работниците доколку некоја текстилна или кожарска фабрика работи за време на продолжениот карантински викенд веднаш да пријават до инспекторатите или до Општинскиот кризен штаб.

–Наредните три дена единствено до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани лица за кои е креиран упат од доктор за тестирање и веднаш потоа ќе бидат вратени дома. Утре ќе бидат тестирани 200 вработени, а во сабота и недела уште 230, вели Бочварски.

Прашан дали конфекциите во коишто утре ќе се врши тестирањето ќе ги вклучат машините, а работниците ќе работат додека не дојдат епидемиолозите, како што имавме случаи во текот на неделава, Бочварски со одговор дека инспекторите ќе бидат во тие фабрики и утре и задутре.

-Единствено што треба да се случува утре и задутре е тестирање на вработените и никаква работна активниост во фабриките. Така сите тие луѓе коишто утре и задутре ќе бидат тестирани веднаш треба да бидат транспортирани до дома и тие да останат задолжително во самоизолација, изјави Бочварски.

Тој посочи дека денешните позитивни случаи на коронавирус не се од нови конфекции, туку станува збор за оние кои се затворени, но и за членови на нивните семејства.

-Имаме лица од државни институции, коишто исто така се позитивни на Ковид-19, но нова текстилна компанија денеска нема зафатено со овој бран. Ние ќе продолжиме со тестирање и како што кажав јасно е дека покрај вакви масовни тестирања ќе се појавуваат и излегуваат повисоки бројки, но добро е да бидеме реални и оптимисти и сите да продолжиме со активност да се затвори кругот, појасни Бочварски.

Градоначалникот очекува наредната недела да се намалува бројот на позитивни случаи. Прашан како општината и полицијата ќе се справи со посетата на Градските гробишта во текот на попладневните и вечерни часови, Бочварски со апел граѓаните да ги почитуваат мерките и доколку некој решил денеска да оди на гробишта тоа да биде со заштитна маска и опрема и да нема никакво групирање во овој период.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе