Јана сама вредела колку сите вработени во Утрински!

Штип, 07.05.2017

  • Јана Станисавлева, управничка во МПМ имала нето плата од 25.000 евра! Таква плата добивала за да ги уништи весниците кои не играле според музиката на власта. Но, уште колку Јани имаме во нашиот медиумски простор? Што правиме со медиумите кои од маркетиншкото колаче на државата добиваа милионски суми во евра? Дали не е време и таму да се отворат сметките за да се види дека една бандитска врхушка во медиумската сфера која била и е во спрега со власта која заминува, практично ги уништила медиумите водена од алчноста своја и на партијата која „остварува“.
Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Веб порталот Актуелно објави документ од кој може да се види дека извесната Јана Станисавлева, управител на МПМ, фирма која ги издаваше Утрински весник, Вест и Дневник (последниот миленик и одработувач за власта остана во живот) добивала месечна плата од 25.000 евра! Да нема забуна сумата е во НЕТО износ.

Со оглед на фактот дека од првиот број на Утрински бев во овој весник како регионален дописник од истокот на државата, а и почесто бев во редакцијата во Скопје, одговорно можам да констатирам дека Јана сама, во финансиска смисла, тежела колку целата редакција на Утрински, односно колку приближно 60 просечно вработени во весникот!

Ако целата оваа сутуација ја примениме на Архимедовиот закон, според кој секое тело потопено во течност губи од својата тежина онолку колку што изнесува тежината на течноста што ја истиснува ќе дојдеме до неверојатниот факт: дека Јана Станисавлева, потопена во када полна со новинари, истиснува(ла) шеесетмина од нив, секако во финансиска смисла.

Ако Јана имала толкава плата (анекс договорот за плата од 25.000 евра е потпишан на 6 април, а бил со важност од 1 август 2015 година) тогаш мора да станува збор за некој македонски Анштајн кој од секој новинарски збор, од секоја отпечатена страница во весниците на МПМ правел(а) злато. Аналогно на тоа МПМ, а со тоа и цитираните весници од кои два од три веќе згаснаа како резултат на „успешното“ менаџирање на Јана, морале да живеат во финансиски раскош наместо да пропаднат…Така работата светски менаџери кои ја сонуваат платата на нашата Јана.

Но, јас лично мислам дека сите пари на има плата за Јана согласно договорот со МПМ не ги земала таа во целост. Дека пристоен дел од парите оделе за партијата која Ќерим бараше да биде поддржувана од сите „негови“ весници, но Утрински, по тоа прашање искажа неподготвеност и непослушност (односно си држеше до професионалноста) па на крајот ја плати највисоката цена.

И, што да се прави сега? Уште колку Јани имаме во нашиот медиумски простор? Што правиме со медиумите кои од маркетиншкото колаче на државата добиваа милионски суми во евра? Дали не е време и таму да се отворат сметките за да се види дека една бандитска врхушка во медиумската сфера која била во спрега со власта која заминува, практично ги уништила медиумите водена од алчноста своја и на партијата која „остварува“.

Еден убав ден и тоа ќе се дознае. Зашто нема тајна на светот која не е откриена, а не па мрачните тајни на нашите бандити – убијци на слободното новинарство.

 

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе