KОЧАНИ: Осветлување на патот кон селата Подлог и Мојанци

Кочани, 14.10.2019

Покрај реконструкцијата на патниот правец од железничката пруга кај „Антура“ до Мојанци, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев соопшти дека овој потег  целосно ќе биде осветлен.

Градежните работи се изведуваат на делница долга 3,5 километри, од крстосницата на магистралниот пат А3 до влезот на Мојанци, при што досегашниот коловоз од постојните три се проширува на 4,5 метри, а се гради и тротоар со ширина од 1,5 метар. По целата должина ќе бидат поставени и столбови за јавно осветлување.

– Со реконструкцијата и осветлувањето на овој фреквентен патен правец значително ќе се подобри безбедноста и за пешаците и за останатите учесници во сообраќајот, а околу 1.500 жители од трите села ќе добијат современ урбан пристап. Со унапредувањето на сообраќајното поврзување сакаме да создадеме подобри услови за живот на овдешните граѓани и нивно задржување во местото на живеење, истакна градоначалникот Николчо Илијев.

За реконструкцијата и oсветлувањето на патниот правец се користи грант што го додели Швајцарската агенција за развој и соработка како дел од проектот за веќе изградената регионална Пречистителна станица за отпадни води во близина на селото Мојанци.

Според потпишаниот договор со изведувачот, градежните работи треба да завршат до крајот на годината.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе