KOЧАНИ: Геомеханички испитувања за изградба на акумулација на Пониква

Кочани, 13.08.2019

Во месноста Арамиска Чешма, на Пониква, се изведуваат геомеханичките истражувања   како основа за изработка на проектна документација за изградба на мала акумулација на Осоговските Планини.

– Се работи за сондажно дупчење на три места по оската на браната. Изведувач е  Градежниот институт „Македонија“, а инвеститор е Општина Кочани, од чиј буџет се наменети околу 2,5 милиони денари – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.

Според стручните служби на ГИМ, теренските работи вклучуваат и ископ на бунари по оската на браната со длабочина од 2 до 4 метри и геотехничко картирање на јадрото од дупнатините, од каде ќе се земаат проби за лабораториски испитувања, како и испитувања на водопропустливоста во сондажните дупнатини.

Примарната намена на малата акумулација на Арамиска Чешма е водоснабдување за туристичката населба на Пониква, како и на селата Нивичани, Пантелеј и Рајчани. Освен за водоснабдување, водата од акумулацијата може да се употребува и за производство на вештачки снег, а во следната фаза да се овозможи и нејзино прилагодување за екстремни зимски спортови.

Вкупниот капацитет на браната е планиран на 52 илјади метри кубни вода, а висината на насипниот преграден ѕид е 19,5 м. Со оглед на специфичната локација на акумулацијата, за да се обезбедат доволни количини вода, покрај од постојниот поток, предвидени се и три доводни канали со должина од 660 до 1 300 метри, кои ќе опфаќаат дополнителна сливна површина.

Водоснабдувањето на Пониква е еден од приоритетите за обезбедување поквалитетни услови за развој на туризмот во овој дел на Осоговските Планини, особено во туристичката населба на Пониква која сега брои 140 викендички и има 5 угостителски објекти со вкупно 250  легла.

По  изработката на проектната документација за малата акумулација, ќе се бара пристап до финансиските фондови за реализација на проекти од ваков вид.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе