Kочанскиот градоначалник со јавен отчет за сработеното

Кочани, 13.02.2017

Ратко Димитровски, градоначалник на општина Кочани, денес даде јавен отчет за сработеното во неговиот втор градоначалнички мандат. Отечетот го донесуваме во целост.

Почитувани,

Како градоначалник на Општина Кочани, дозволете ми накратко да го претставам сработеното во изминатиот период. Од првиот момент мандатот го одработуваме одговорно, транспарентно и отчетно, со обврска да го спроведеме ветеното и на граѓаните на Кочани да им обезбедиме пристоен живот и сигурна иднина. Работејќи на принципите на ефикасност и ефективност, вредно и неуморно, постигнавме видливи резултати.

Топови за снег на Пониква
Топови за снег на Пониква

Една од главните задачи беше асфалтирање на улици и патишта. Најсвежо асфалтирани се десетте улици со заемот од Светска банка. Асфалтиравме и во Оризари и во сите други села. Ги реконструиравме пристапите на влезот во Кочани од Штип,  на влезовите во Оризари, Тркање, во Долни Подлог,патот кон браната Гратче и кон локалитетот Дабот во Бели; Оризари – Врговци,  патот во селото Бели, до Лешки, кон Јастребник, кон манастирот Свети Василиј на Пониква и две клучни улици на Пониква.

Реконструиравме неколку улици во централното градско подрачје; обновивме многу тротоари. Изградивме кружен тек во централното градско подрачје и го подобривме сообраќајниот проток. Изградивме потпорни ѕидови во сите делови од градот во должина од над 3,5 км; поставивме заштитни огради на критичните места во должина од околу 9 км. Соработувавме со граѓаните во изградбата на тротоари и улици со вградување на готов бетон во сите делови од градот и селата во должина на тротоари повеќе од 10 км и улички околу 1 км.

Во насока за зачувување на животната средина и обезбедување чиста вода е проектот за изградба на пречистителна станица и колектор за отпадни води на територијата на Кочани. Тој се реализира со најголемата швајцарска донација во Република Македонија во висина од 21 милион швајцарски франци, и најголема за Кочани во последните 50-ина години.

Во врска со проектот за третман на отпадните води е изведбата на атмосферска канализација во Кочани, проект со кој се вградија атмосферски одводи на траса долга над 5 км, како и испусти на критичните места во центарот на градот.

Континуирано се реализира и проектот за изградба на браната Речани чија вкупна вредност е околу 27,3 милиони евра, а треба да биде издигната до 2021 година. Акумулацијата „Речани“ ќе го реши проблемот на водоснабдувањето за околу 90 илјади жители од Кочани, Виница и микрорегионот.

Општина Кочани реализира уште еден значаен проект – реновирање и модернизација на системот за улично осветлување. Излеговме како прва општина во Република Македонија на слободниот пазар на електрична енергија и постигнавме дополнителна заштеда од 30 %.

Интензивно работевме на јакнење на туристичките потенцијали и забрзан развој на Пониква, како туристички центар на Истокот.

Во функција на промоција и развој на туризмот на Пониква е и најново изградениот Туристички информативен центар на Пониква, со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

Изградивме две спортски сали за часови по физичко во ОУ „Никола Карев“ и „Крсте Мисирков“. Доделуваме стипендии, а по повод празникот Петровден ги наградуваме најдобрите ученици – првенци на генерацијата од основните и средните училишта.

За возрасните граѓани организираме бесплатни курсеви по англиски и германски јазик, по информатика и сметководство, кои изминативе години ги посетиле околу 1 500 наши сограѓани.

Посебно водевме грижа за нашите најмлади сограѓани. Со  средства од Министерството за труд и социјална политика во Оризари се прилагоди простор за детска градинка со можност за згрижување на педесетина деца.

Од Програмата за социјална и детска заштита доделуваме помош во лекови и во автобуски карти за лекување надвор од Кочани, како и помош во градежни материјали.Воведовме уште две нови мерки: помош во социјален пакет за новородено и надоместок за брачни парови кои стапуваат во брак по навршени 40 години, мерка која наиде на добар одзив, за што говори и бројот за осум склучени бракови.

Постојано работиме на решавање на потребите на Ромите, за подигнување на стандардите во нивното живеење,  на инфраструктурен, образовен и на економски план. Од Буџетот на Општината, со средства од „Декадата на Ромите“ и од други фондови изградивме нови улици во Ромското Маало: асфалтиравме неколку краци на улицата „Стамен Манов“, ги реконструиравме „Љупчо Сантов“, „Славчо Стојменски“, изградивме повеќенаменско игралиште во Трајаново Трло.

Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ одбележа четврт век од постоењето. Со Министерството за култура континуирано ги реализиравме содржините од Драмскиот аматерски фестивал, „Топол културен бран“ и „Петровденски конаци“, ја организираме Ликовната колонија „Свети Пантелејмон“, поддржуваме научни и уметнички книжевни изданија, концерти на познати музички групи и уметници.

Во соработка со ФФМ го реновиравме Градскиот стадион. Сега продолжуваме со изградба на систем за полевање, соблекувални и вградување столчиња. Во границите на можностите ги помагаме општинските спортски клубови.

Она што сметам дека е една од најголемите придобивки за овие осум години е подобрената локална економска слика. Создадовме услови за добар локален економски развој и донесовме неколку инвестиции: холандската „Антура“ – современа лабораторија која произведува семенски материјал за украсни цвеќиња која веќе се проширува со нов погон за уште 300 нови вработувања. Компанијата за производство на кабли за автомобилската индустрија и за антенски структури – „Амфенол“ веќе има 1200 вработувања. Овде се и новите  инвестиции: „Руен инокс аутомобиле“, „Левидиагро“, „Вима фешн“, „Хипотерм“, „Гирлофс“, „Унитрејд 2002“ (поранешна „Хартија“), „Нидо ГТ“ (во кругот на „Руен“), „Лукоил“, „Тинекс“, кои сите заедно веќе вработуваат над 1 400 сограѓани.

На крајот не можам да не ги издвојам приоритетите кои следуваат во наредниот период од 4 години:

  • Изградба на експресниот пат Три Чешми – Кочани со што релацијата Кочани – Скопје  ќе се сведе на помалку од 100 км и временски помалку од 1 час;
  • Завршување на проектот Пречистителна станица за отпадни води со којшто ќе оставиме на нашите идни генерации чиста животна средина и ќе обезбедиме добри услови за производство на здрава храна;
  • Големиот инвестициски зафат на Оризарска Река да се продолжи со изградба на браната;
  • Инвестирање на Пониква од приватни инвеститори (викендички, ресторани и хотели), како и во инфраструктурата од Општината и од државата;
  • Создавање услови за зголемување на вработеноста со паралелно зголемување на платите на вработените.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе