Koj тоа таму ја „брани“ Македонија?

Штип, 20.03.2017

  • Пишува: Иван Бојаџиски
    Пишува: Иван Бојаџиски

    Ги гледам оние кои протестираат и ја „бранат“ унитарна Македонија. Меѓу нив не ги гледам рударите, текстилците, градежниците, оризопроизводителите, металците…Тие се на своите работни места зашто мора да заработат и за набабрената македонска бирократија која излегла на улица…

 

Централното прашање во овие возбудливи и возбудени денови, барем за мене, е кој тоа протестира, односно кој тоа ја „брани“ Македонија и нејзиниот унитарен карактер? Дали „бранителите“ се оние кои секоја приквечерина се на улиците, плоштадите, пред Владата, пред Собранието на Македонија? Или можеби Македонија, на вистински начин се брани со други методи, а тоа го прават некои други, јавно невидливи лица кои со својот труд се посветиле на семејствата, на локалната заедница на татковината.

А имено.

На улиците, меѓу протестантите не гледам ниту еден од околу 13.000 рудари кои работат во нашите рудници и на таков начин, со својот труд и посветена работа придонесуваат за економската и социјална сигурност на татковината. Да ги имаше ќе беа препознаени по нивните рударски шлемови со кои тие отсекогаш, кога имале некоја мака, кога сакале да испратат јавна порака за неправдите, јавно протестирале.

Во таа толпа од народ не видов ниту едно лице од над 40.000 работници во текстилната индустрија кои, најверојатно, не си ја сакаат татковината со таков интензитет како бирократијата која протестира. Овие луѓе својата љубов кон татковината секојдневно ја покажуваат на своите работни места каде создаваат нови економски добра за сите нас.

На протестите не гледам ниту градежни работници, не гледам никој од околу 5.000-те семејства на оризопроизводителите од кочанско-виничката и штипска котлина, луѓе на кои оризот им стои во амабрите од последните три реколти. Освен ако за земјоделци не се земаат раководителите и вработените во подрачните единици за земјоделство и оној лик Аризанков, кој цело време работи против земјоделците, а за своите лични интереси.

Ете, пак барем според мене, овие луѓе се вистинските бранители на татковината. Тие се на своите работни места зашто оставаат државните работи да ги решаваат политичарите. И токму во овие турболентни денови овие луѓе мора да работат уште повеќе, зашто добро знаат дека на нашите улици и плоштади протестира македонската набабрена бирократија чии плати мора да ги обезбедат тие со својот макотрпен труд.