„Maкпрогрес“ сака да гради нова фабрика, општината прави напор да ослободи простор за неа

Виница, 14.04.2019

Александар Цветанов
Александар Цветанов

Најголемата виничка компанија „Макпрогрес“ која во Виница вработува 600 лица и уште 150 во фабриката „Дониа“ во Прилеп сака да гради нови погони за нови производи од кондиторската индустрија, но во Виница погоден простор за такво нешто нема.

-Сегашните деловни објекти ни станаа претесни во однос на нашите амбиции и потреби да го шириме производството преку нови производи од кондиторската индустрија. Баравме и бараме од општината локација во близина на нашите сегашни погони заради поврзаноста на сегашното и идното производство, но иако празно државно неизградено земјиште има, не можеме да го добиеме потребниот простор,  вели Александар Цветанов,генерален директор.

Овој успешен винички и македонски стопански колектив бара нова локација од 6.000 метри квадратни. Таков простор во близина на сегашните погони постои но тоа земјиште било наменето за гасоводна станица и објекти од областа на енергетиката за кои во Виница, барем засега не постои никаков интерес. Градоначалникот Ивица Димитров вели дека посветено работат на случајот со намера „Макпрогрес“ да може да гради, да инвестира,да го проширува производството и да вработува.

-За да може позитивно да се одговори на барањето на нашата најголема компанија за таа да може да инвестира, да го шири и зголемува производството и секако да вработува нови лица мора да се изврши пренамена на тој дел од деталниот урбанистички план. За таа намена ние како општина распишавме јавен тендер на кој работата во однос на измената на ДУП ја доби фирма од Куманово и таа сега работи на проблематиката. Намерата ни е тоа државно земјиште да биде пренаменето од земјиште за изградба на енергетски објекти во земјиште за лесна, незагодувачка индустрија во која спаѓа и кондиторијата. Ние како општина го завршивме својот дел од работата, сега чекаме на измената на ДУП по што во Виница ќе организираме јавна дебата а потоа од Министерството за транспорт и врски ќе чекаме одобрение, вели градоначалникот Димитров кој се надева дека целата работа ќе биде завршена до крајот на оваа година.

И првиот човек на „Макпрогрес“ укажува дека зад нивното барање одговорно застанала општинската власт на што тие се благодарни.

-Имаме палета од над тристотини производи, извезуваме во 55 држави на сите континенти и на тој начин ја шириме и убавата приказна за можнстите на нашето национално стопанство. Постоиме 29 години и за ова време постојано инвестираме и вработуваме млади луѓе, стручен и амбициозен кадар. Пред две години ја купивме и фабриката „Дона“ во Прилеп каде ги задржавме сите 150 вработени, а таму ние и сега градиме нова хала. Имаме голема потреба од проширување на производната палета, тоа од нас го бараат нашите дилери низ светот и поради тој факт подготвени сме да вложиме нови шест милиони евра во новата инвестиција. И поради овие факти ние се надеваме дека административните работи ќе бидат завршени во еден разумен рок и дека ние ќе добиеме шанса да градиме нова фабрика и да вработуваме нова генерација млади луѓе, посочува Цветанов.

.Градоначалникот Димитров вели дека имале барања од повеќе домашни и странски компании да градат свои фабрики во Виница, и дека просторот кој ќе се ослободува нема да биде само за „Макпрогрес“ туку и за други кои сакаат да инвестираат во свои капацитети од лесната, незагадувачка индустрија. Инаку, и Виница има своја ТИР зона, но на неа досега никој нема ставено темел.