Oд „глаата“ си патиме

Виница, 08.05.2017

  • Секојдневно мечтаам за демократска и праведна Македонија без насилство, но засега тоа е само мој сон.
 Пишува: Николина Атанасова, новинарка
Пишува: Николина Атанасова, новинарка

Постојано се трудам да почитувам туѓи мислења. Да ислушам, колку и да не се согласувам. Често тоа ми оди тешко, бидејќи стојам цврсто зад своите ставови и мислења. Доколку туѓото решение е подобро од моето, знам да подадам рака и да го признаам поразот. Најблиските често знаат да ме искритикуваат толку многу што понекогаш чувствувам гнев во себе, но длабоко во себе знам дека нивната цел не е да ме повредуваат, туку од мене да направат подобра личност. Во нашево општество постојано критиката се сфаќа како зло. Наместо луѓето да бидат благодарни на нивните „критичари“ кои им укажуваат како може да биде подобро, тие „трубат“ дека некој ним им љубомори. Никој не е безгрешен, луѓе сме и грешиме. Доблеста е во тоа да ги признаеш своите грешки, да се извиниш, да извлечеш поука од нив и да станеш подобар човек.

Еден од најголемите проблеми во нашето распаднато општество е токму тој. Игнорирање на критиката, а со тоа и игнорирање на проблемите како да не постојат. Враќање назад, наместо одење напред. Не треба да ги заборавиме добрините на власта што беа нејзина должност, бидејќи е избрана од народот. Истата сакаше вечно да трае и затоа не треба да го заборавиме злото кое го нанесе со  нејзината апсолутната моќ која во минатото и ја овозможи слабата опозиција. Не треба да ги заборавиме ни штетите што ги нанесе опозицијата како и нивната пасивност која траеше со години, но секој заслужува да добие шанса во животот. За време на владеењето на едните не треба да ги идеализираме постапките на другите и обратно. Најважно е кога ќе ги искритикуваме едните, да не велат дека одработуваме за другите. Кога едните ќе направат нешто добро да ги пофалиме, но и да им посочиме дека не се безгрешни. Да им посочиме дека кога нешто не е во ред, целта е да се работи на негово подобрување, а не да се лажеме дека таков проблем не постои.

Почитувајте го ставот на неопределените, ставот на луѓето кои свесно гледаат со отворени очи и не слугуваат ниту на едните ниту на другите. Свесно ги истакнуваат своите ставови затоа што сакаат подобро општество за сите. Кога луѓето критиката ќе ја доживуваат како мотивација тогаш можеме да очекуваме напредок, а не трупање на проблеми. Критиката треба да не поттикне да ги погледнеме проблемите одблизу, да се соочиме со нив и со нејзина помош да најдеме решение.

Не обвинувајте ги ниту албанците, ниту турците, ниту ромите за нивната сплотеност. Тие не се одговорни за нашите непромислени постапки. Сами едни на други очите си ги вадиме. Наместо да се погледнеме себе си, прстот секогаш го вперуваме во другиот. Токму затоа од „глаата“ си патиме. Само со самосвест, толеранција, разбирање, љубов и мир  ќе изградиме свет во кој секој би се чувствувал како дома. Секојдневно мечтаам за демократска и праведна Македонија без насилство, но засега тоа е само мој сон.