Oд идната недела Бучим и Боров Дол одново во работа

Радовиш, 20.12.2022

Рудниците за бакар и злато Бучим и Боров Дол од идната работна недела го обновуваат работниот процес.

Работата во двата рудника беше прекината на почетокот од месец септември, годинава кога од рудниците беа лиферувани изјави дека тој чин се прави поради потребата од обнова на флотацијата која е во функција од 1979 година, а досега не претрпела посеризна обнова, но во јавноста се говореше дека прекинот на работните активности настанал како резултат на енормното зголемување на цената на електричната енергија.

Рударите се враќаат на работа
Рударите се враќаат на работа

Како и да е одлична вест е тоа дека рудниците го обновуваат работниот процес по пауза од педесет дена.

Одличната вест со посебно нетрпение се очекуваше во Радовиш од кој град се најголемиот дел од 700 вработени во овие рудници, а од нив живеат и бројни мали фирми кои вршат услуги за рудниците од различен вид.

Ова посебно зашто по распадот на речиси сите фабрики и комбинати кои одлично работеа во бившиот систем, на градот единствена надеж му останаа рудниците Бучим и Боров Дол, кој како ново рудно тело беше откриен пред некоја година, а со што работниот век на рудниците е продолжен за нови десет години. Во Радовиш одамна се говори дека ако се затвори Бучим „тури му пепел“ на градот.

И градоначалникот на Општина Радовиш Ацо Ристов во изјава за нашиот портал ни рече дека е супер вест тоа што рудниците од идната недела одново ќе започнат со работа.

Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш
Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш

-Разговарав со раководството и од таму добив информација дека од денес се повикани кадри на Боров Дол и на Бучим да ги подготват рудниците за производство кое ќе тргне од идната недела. Тоа секако е најдобрата вест која, посебно ние во Радовиш, сака(в)ме да ја слушнеме затоа што 85 проценти од 700 вработени таму се од нашата општина, а индиректно од рудниците живеат уште 300 радовишки семејства. Тоа е добро и за иднината на рудниците зашто кадарот од нив започна да бара работа надвор од државата, а познато е тоа дека кадар лесно не се создава, ни изјави градоначалникот Ристов.

Првиот граѓанин на Општина Радовиш  ни изјави дека тие работат и на проблемот со концесискиот надомест кој на времето целосно му припаѓаше на оваа општина (1,2 милиони евра годишно), а сега, со отворањето на Боров Дол надоместокот се „пресели“ во Општина Конче и во Штип, иако рудникот Бучим со флотацијата во него и хидројаловиштето, како и опоголем дел на транспортната трака се на територија на Општина Радовиш. Сега оваа општина наместо 1,2 милиони евра како концесиски надомест добива само 50.000 до 60.000 евра годишно.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе