OХРИДСКО ЛЕТО: Спектакуларен концерт во „Света Софија“, на АМИРА Трио

Охрид, 13. август 2018

 Централниот музички храм на фестивалот „Охридско лето“ – катедралната црквата „Света Софија“, според пополнетоста и воодушевеноста на публиката, синоќа, го достигна својот зенит ова лето, со концерт на познатото АМИРА Трио (Амира Медуњанин,  Звонимир Шестак и Анте Гело).

Според многумина најдобриот босански, а и не само босански вокал, Амира   Медуњанин уште пред една седмица ги распродаде влезниците, така што синоќа се внесуваа дополнителни столици, а преполна беше и Галеријата.

„Босанската Били Холидеј“(Гарт Картрајт – музичкиот новинар), пееше, разговараше, диригареше со публиката која тихо, малку и пред нејзе, пееше во огромен хор, под сводовите на древата црква, за чија акустика, Амира кажа дека “не постои техника во светот што би постигнала такво нешто”. Изведбите на босанските севдалинки и преработките на македонските народни песни, звучат неверојатно, без техника и озвучување.

– Во оваа прастара црква, во овој неповторлив амбиент, пред три години, заедно со мене пееја и ангелите.Концертот беше закажан во Предворјето на црквата, а јас му се молев на Севишниот да заврне. Мојата молба беше ислушана и исполнета, како што ми е исполнета душата и вечерва” – разговараше Амира со публиката, давајќи знак кога стотици грла треба да запеат заедно со нејзе.

“Прошетала Јовка кумановка”,  „Јано мори“, „Елено ќерко“, нејзината верзија на „Ја излези Ѓурѓо“, навистина се македонски бисери кои Амира  Медуњанин ги прошета, за да го покажи нивниот сјај по целиот свет.

Во право е Гарт Картрајт, кога вели дека Амира се „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години.

Неколку познати босански бисери, публиката ги слушна во нови верзии: “Не давам младата мома, жената да се продава за грст дукати и кило злато” – објаснуваше Амира, која нашла поинакви текстови, поинакви изведби, како онаа на Чикашкиот тамбурашки оркестар од пред еден век.

Амира   Медуњанин  е уникатна вокалистка, една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина, но и на саканата Далмација (ја изведе синоќа  “Пјева клапа”), а особено “при срце зараснатата Македонија”.

Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики. Дебитантскиот албум „Роса“ е прогласен за албум на годината во Велика Британија, додека пак албумот „Зумра“ е добитник на наградата „Индекси“.

Во нејзината музика, покрај обработката на босанската музичка народна традиција, се среќаваат и мелодии од српски и македонски традиционални песни. Добитник е на престижната награда „Најдобар женски вокал 2012“ од страна на фондацијата „Orange“.

Звонимир Шестак најпрвин се запишува на Државниот конзерваториум во Карнтен, Австрија, каде студира џез-контрабас. Своите студии ги продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, на кој и дипломира во 2012 година. Во 2014 година се стекнува и со својата магистерска диплома. Има активна концертна дејност, постојано соработувајќи со популарни музички имиња и ансамбли од целиот свет.

Гитаристот, композитор и аранжер Анте Гело своите дипломски и постдипломски студии ги завршува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Како изведувач во текот на својата кариера соработувал со значајни имиња од џез и поп музичката сцена. Покрај тоа, познат е и како студиски продуцент и аранжер, за што е добитник на бројни награди. Често одржува џез-работилници на повеќе места низ Хрватска.                                                                        

(Веле Митаноски)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе