БАРБАРЕЕВ: Само во вакви ситуации човекот може да сфати дека ние нé учиме заради училиштето, туку заради животот

Штип, 22.04.2020

Д-р Кирил БАРБАРЕЕВ, професор на Факултетот за образовни науки на УГД-Штип e гостин во денешното интервју за istokpress.mk на тема „Што работат и што мислат познатите во време на коронавирус и ограничено движење“. Барбареев предава методика и образование на наставници. Овој семестар предава и во Словенија на Универзитетот во Копер. Тој е долгогодишен спортист, вљубеник во уметноста и целосно посветен за промена на парадигмата на македонскиот образовен систем.

Професоре, кој е Вашиот поглед на оваа ситуација со Корона вирусот со која ситуација живееме веќе три месеци?

Би кажал дека некои битки се добиваат само на кондиција. Мислам дека ова е таков предизвик со кој се соочува целиот свет, но и секој човек. Човек се навикнува и на добрите и на лошите нешта. Ерик Ериксон, во својата книга „Детство и општество“ (1950), пишува дека во нашата личност постои едно јадро кое останува секогаш исто и покрај сите промени кои ги доживуваме изложени на надворешни влијанија и влијанија кои од внатре самите си ги создаваме. Тоа јадро на кое  луѓето од памтивек му давале различни имиња, секогаш ни овозможува чудна сигурност и извесност дека нашето Јас, во широката лепеза на чувства, внимание, слики и доживувања, практично во текот на целиот живот  останува со себе иден-тично. Но, од искуството ако не се учи, тогаш тоа е безвредно.

Колку е важно една личност во животот да има повеќе работи кон кои ќе си го насочи секојдневите, а не само темелната професија?

Иако се бавам со педагогија, тоа е една линија на силна посветеност во последните 15 години, сепак во животот сум стекнал и многу искуство од спортот и уметноста кои многу ми помогнале. Тоа се толку важни и потребни активности на човек со кои ги развивате смелоста, трпението, упорноста, дисциплината, чувството за ритам и мерка, кондицијата. Одговорот на вашето прашање е да, многу е важно човек во својот живот да има и повеќе работи со кои ќе се бави освен само професијата на неговиот живот.

Каков е денот на еден професор со толку многу ангажмани?

-Имам свој дневен ритам, работните обврски ми се во периодот од 9 до 18 часот, и се трудам во тој период да не слушам и гледам вести, ТВ, или да читам портали. Во тој период, имам предавање со студенти и на Универзитетот во Штип но и во Словенија, се трудам да работам колку можам повеќе, како и контакти со колеги и пријатели. Секој слободен момент, се обидувам да го користам за возење велосипед, со семејството, или да гледам некој филм.

На кои теми се Вашите разговори со студентите?

Она кое посебно го разговараме со студентите е како нé менува сите нас оваа нова состојба и како тоа ќе се одрази на образованието. Како сме ја сфаќале наставата? Зошто толку малку сме свесни за вирусите со кои живееме? Како ги пренесуваме биологијата, медицината, историјата, екологијата на учениците? Дали ќе треба преобмислување на темите и начинот на работа во образованието? Што е најважно денес за човекот? Дали конечно како луѓе сфаќаме кои се најважните работи? Зошто и за кого учиме!? За училиштето или за животот!?

Сметата ли дека оваа ситуација која денес ја имаме ќе донесе некои нови насоки во системот на образованието?

Образовните системи мора да ги променат своите правци на однесување со цел да им помогнат на децата, учениците, студентите да ги стекнат социјалните вештини потребни за надминување на отуѓеноста, сомнежот и недовербата што ги имаме во денешното општество, конечно заради својот опстанок. Тоа никако не значи дека треба да престанеме да им обезбедуваме на децата неопходно знаење, туку дека лекциите мора да станат дел од комплетна програма чија цел е да им помогнеме  да разберат како да го користат знаењето  откако ќе заминат од училницата. Позната е мислата на Ајнштајн „ОБРАЗОВАНИЕТО Е ОНА ШТО ЌЕ ОСТАНЕ ВО ТЕБЕ, ОТКАКО ЌЕ ЗАБОРАВИШ СÈ ШТО СИ НАУЧИЛ НА УЧИЛИШТЕ“.

Kaков профил на човек бара ова ново време?

Конечно треба да сфатиме дека од нас зависи во каква заедница и средина ќе живееме. Со какви вредности. Вредноста треба да се мери преку стандардите за пристојност и човечкиот опстанок. Потребни се луѓе афирмирани, миротворци, иноватори, луѓе кои живеат во хармонија со местото на живеење, човечни и морални. Заради тоа целокупното општество но и секоја локална средина мора да се труди да создаде генерации кои ќе поседуваат длабока жед за животот, квалитети како што се способност да се пронајдат задачи, да се научат самостојно да мислат, да станат богата личност која поседува љубов кон човекот, смисла за правда и морал, физичко здравје и дух.

                                                                                                            Иван Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе