БЕРОВО: Пропаст на Буклиската куќа, силен симбол на старата малешевска архитектура

Берово, 27.04.2021

Во Берово пред тотално пропаѓање е Буклиската куќа, силен симбол на малешевската неповторлива архитектура. Како што објавува Males.net оваа куќа е изградена уште во турско време,а таа била и градба која се нашла на поштенска марка во екс Југославија. Забот на времето и негрижата на државата за вакви културно-историски споменици  си го направија своето. Куќата е пред самоуривање и како таква преставува опасност за минувачите покрај и под неа, а посебно за децата од маалото кои тука ги играат своите детски игри.

Нема човек кој ќе помине низ оваа улица која се искачува од центарот на Берово и води до стариот манастир, а да не застане да ја погледне нејзината градба. Градена со кал и трска, со искршените стакла на прозорците, со дрвената врата која стои отворена и со кровот кој полека го снемува овој симбол на некогашната архитектура се распаѓа пред очите на сите: на беровци, на гостите на ова убаво гратче, на локалната и на државната власт.

Интересно е тоа што и Буклиската куќа, иако редок симбол на една стара архитектура, не е под заштита на државата. А и да е која фајда од тоа ако се земе штипскиот пример каде покрај главна улица која од црквата „Свцети Никола“ води кои огледалото стојат три куќи една до друга и секој момент можат да се срушат како кули од картон, а со децении се под заштита на државата и со децении на нив ништо не се заштитува.

Берово има намера да живее главно од туризмот, гранка  во која на дојденците исклучително им е важно да видат и споменици и спомен обележја од прастари времиња. Буклиската куќа е еден таков споменик но тој на туристите може само да им ја раскаже приказната за нашата капитална негрижа за едно така ретко, така убаво и така привлечно богатство од старата архитектура на малешевскиот крај.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе