Вечерва започнуваат 27. „Денови на кочанскиот ориз“

Во пресрет на настаните од овогодишните „Денови на кочанскиот ориз“, градоначалникот Николчо Илијев соопшти повеќе детали од програмата и организацијата.

– Од вечерва, со Изборот на жетварската убавица започнува  27. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“. Таа е спој на  традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризот од нива до трпеза.

Во три дена, 27, 28 и 29 септември, со различни содржини ќе се обидеме да ја прикажеме традицијата во оризопроизводството – духовното и материјалното културно наследство поврзанo со кочанскиот крај.

„Деновите на кочанскиот ориз“ со својот меѓународен предзнак се повод за нови пријателства, гостувањата на официјални општински и културни делегации.

Оваа година ќе имаме делегации од Унгарија, Хрватска, Словенија и Бугарија. Ќе дојдат долгогодишни пријатели од Крижевци, Крањ,  Сигетсентмиклош, од Банско, Гоце Делчев и Разлог. Средбите со нив ќе ги искористиме за размена на искуства и иидеи за нови проекти и соработка од областа на културата, спортот, туризмот,  стопанството…

Фолклорот како дел од нашето културно богатство ќе го презентираме преку фолклорни состави од земјава и од странство: од Скопје, Велес, Делчевско, Струмичко, Куманово, од Бугарија и од Босна.

Во рамките на манифестацијата ќе го промовираме и Туристичкиот инфоцентар „Пониква“, а ќе го презентираме и новото комунално возило, донација од Швајцарската амбасада на КЈП „Водовод“.

Во Градскиот парк ќе биде поставени штандови – на кои ќе се презентира традиционална храна и етноелементи, а граѓаните ќе можат да уживаат во музиката на повеќе состави:  Тијана и Тамара, Баклава, Мијата, Сетстат и Мирко Попов, Драган Теодосиев Квартет и Конкверинг лајон…

В сабота, по зажнејувањето ќе го прогласиме најуспешниот земјоделец, а за првпат Општина Кочани во рамките на манифестацијата ќе додели и признание за хуманист – соопшти Илијев.

Градоначалникот ги покани сите граѓани да уживаат во содржините на манифестацијата,  изразувајќи надеж дека секој ќе најде своја содржина во неа. Истовремено им се заблагодари на сите граѓани, поединци и спонзори кои даваат придонес за нејзиното одржување.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе